Рибата е црвена е шифрирано име на една операција во Заливот на свињите во Куба. Хинкл и Тарнер под истото име објавија една книга за тајните операции против оваа земја.
Поголемиот број проекти, вклучувајќи го и истоварувањето во Заливот на свињите, завршија неуспешно. Некои, вперени против економијата на островот, имаа ефект. Така, во книгата е наведено дека од авион меѓу облаците се растурени специјални кристали што предизвикувале поројни дождови над необработеното земјиште, но ги заобиколувале плантажите со шеќерна трска. Уште попозната беше терористичката акција со која во Куба беше пренесен вирусот на свинска треска. Поради епидемијата, мораше да се жртвуваат триста илјади свињи.
Помалку објаснети беа неуспесите во обидите за атентат врз Фидел Кастро. Познато е дека Кастро има непредвиливи дневни активности и дека кубанската контраразузнавачка служба е една од најдобрите во светот, но сепак, сето тоа не е доволно за да се објаснат десетината неуспешни обиди. Речиси човек да помисли дека постои нешто што им бега на компјутерите на ЦИА и дека тоа не е сосема без поврзаност со магијата на Карибите.
Кога претседателот Кенеди го испратил во Куба њујоршкиот адвокат Донован за да преговара за ослобдување на една група заробеници, ЦИА без знаење на Донован подготвила посебен подарок за Кастро. Се работело за опрема за подводен риболов во чии шишиња со кислород биле ставени туберколозни бактерии. На Донован опремата му изгледала недостојна за еден шеф на државата, па на своја сметка ја заменил за подобра во Њујорк.
Неуспесите што уште повеќе зачудуваат се случиле за време на долгиот пат на Кастро во Чиле. Во првиот обид предвидено е на една конференција за печатот Кастро да биде убиен од автомат скриен во телевизиска камера. Во моментот кога требало да го направат тоа, едниот од атентаторите добил напад на слепото црево, а другиот не се осмелил да пука сам.
Вториот атентат бил предвиден за време на Кастровата посета на рудниците во Антафагоста во северот од Чиле. Еден автомобил, божем расипан, ја принудил службената колона да застане среде патот. Динамитот во тоа возило требало да се активира со далечински управувач, но, исто така од необјаснети причини немало експлозија.
Најпосле, во третиот обид било предвидено да се пука во Кастро од еден авион на земја, во моментот на слетување на неговиот авион во Лима. Промената во положбата на двата авиона направи пилотот на ЦИА да се откаже од обидот плашејќи се дека нема да има време да побегне. Четвртиот исто така неуспешен обид и се припишува на една убава личност, агентка на ЦИА, која имала пристап до Кастро. Таа во кремот зал ице ставила отровни капсули, но во моментот кога сакала да ги употреби заклучила дека тие се раствориле во кремот.
Знам уште за три случаи кои не се споменати од авторите на книгата. Едниот се состои во обидот, за време на еден од Кастровите говори, да се приклучи во микрофонот струја со висок напон. Самите Кубанци тоа го откриле навреме, давајќи за тоа едно просто објансвуање: ,,И самите помисливме дека некој ќе се сети на тоа’’.
Вториот атентат, во кафулето на хотелот Хавана Либро, му е доверен на еден келнер кому агентите од ЦИА му дале капсули со отров без мирис, вкус и боја со задоцнето дејство, така што извршителот ќе има време да избега. Агентот чекал три месеци да се појави Кастро. Кога најпосле дошол и кога агентот успеал да ги стави во овошниот сок, отровот не дејствувал. ЦИА го снабдила со нови капсули со неограничен рок на траење, советувајќи го да ги стави во мраз. Кога Кастро се појавил во истото кафуле, овојпат по пауза од четири месеци, обновениот обид повторно не успеал, бидејќи келнерот не успеал навреме да го искрши мразот кој се зафатил околу капсулите.
Сепак, најголемата опасност на која бил изложен Кастро не потекнува од атентатите. По неуспешената инвазија во Заливот на свињите, додека се враќал од фронтот во еден отворен џип, двајца преживеани, скриени во крајпатните грмушки, го држеле на нишан на оддалеченост помала од десет метри, но не се осмелиле да пукаат.
Извадок од книгата ,,Рибата е црвена’’ (,,El pez es rojo’’) од Габриел Гарсија Маркез, колумбиски писател, новинар и политички активист, левичар, добитник на Нобеловата награда за литература.