Сообраќајот на државните патишта низ земјава утрово се одвива без застои и по суви коловози, информира Авто-мото сојузот на Македонија во редовниот извештај за состојбата на патиштата.
Интензитетот на сообраќајот надвор од урбаните средини е умерен, а на граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ потсетува дека од 15 ноември е во сила законската обврска за задолжително поседување зимска опрема во возилата, која ќе трае до 15 март 2026 година, без разлика на моменталните временски услови.
Возачите се повикуваат на прилагодена брзина и почитување на сообраќајната сигнализација, особено на делниците низ котлини, клисури и речни долини каде е можна појава на одрони. Поголема внимателност се препорачува на патните правци:
- Катланово – Велес
- Маврово – Дебар – Струга
- Виница – Берово
- Кочани – Делчево
Поради сезонски режим, патниот правец Охрид – Ресен преку Националниот парк Галичица ќе остане затворен за сообраќај за сите возила до 31 март 2026 година.
На повеќе патни делници низ државата во тек се градежни работи поради што има изменет режим на сообраќај:
- На делницата Прилеп – Битола (Коридор 10Д) сообраќајот е пренасочен по регионалниот пат Р1101, на потегот од клучка Лагово до Тополчани.
- На скопската обиколница (А2), поради рехабилитација меѓу клучките Волково и Кондово, затворена е левата лента за претекнување, а сообраќајот се одвива по средната и десната лента.
- На експресниот пат Крива Паланка – Страцин, кај село Петралица, во периодот од 7 до 17 часот има рачна регулација на сообраќајот, а во останатиот дел од денот со семафори.
- Во тек е санација на свлечиште на регионалниот пат Косоврасти – Мелнички Мост, со времен режим на сообраќај.
- На делницата Гостивар – Стража, кај мостот на Вардар кај Здуње, поставена е семафорска сигнализација со наизменично пропуштање на возила.
АМСМ апелира возачите да ја следат поставената сигнализација и навремено да се информираат за состојбата на патиштата пред да тргнат на пат.



