Свети Никола Чудотворец е еден од најзначајните и најпочитувани празници меѓу православните христијани во Македонија, а како домашна слава го одбележува речиси секое второ семејство. Празникот, кој се слави на 19 декември според Грегоријанскиот календар, традиционално се поврзува со посна трпеза и со силна духовна симболика, а светецот се смета и за заштитник на морињата, морепловците и рибарите.
Заедно со Митровден и празникот посветен на Пресвета Богородица, Свети Никола припаѓа на трите најмасовни домашни слави во земјава. Освен како семејна слава, празникот често се одбележува и како именден, што дополнително ја зголемува неговата распространетост и значење во македонската традиција.
Во домовите што го празнуваат Свети Никола, вечерта се подготвува богата посна трпеза, на која најчесто се застапени риба, посно гравче, сарми и други јадења без мрсно, во согласност со црковните правила. Верниците веруваат дека празникот треба да помине во мир, молитва и гостопримство, а строго се избегнува каква било домашна работа, како перење, чистење, шиење или пеглање.
Свети Никола живеел во 4 век и бил роден во малоазискиот град Патара, на територијата на денешна Турција. Потекнувал од богато и побожно семејство, а по смртта на родителите, целото наследство го разделил на сиромашните. Подоцна бил избран за архиепископ мирликиски и учествувал на Првиот вселенски собор во Никеја во 325 година. Починал на 19 декември 343 година, а неговите мошти подоцна биле пренесени во италијанскиот град Бари.
Професорот од Теолошкиот факултет во Скопје, Ратомир Грозданоски, истакнува дека Свети Никола е редок пример на светец кој подеднакво го почитуваат сите христијански цркви – православната, католичката, па дури и протестантската. Според него, токму затоа и името Никола, во различни варијанти, е широко распространето низ целиот христијански свет.
Во народните верувања и преданија, Свети Никола е познат како чудотворец и заштитник на сиромашните и немоќните. Посебно е застапено верувањето дека тој спасувал бродови во невреме, поради што се смета за чувар на морепловците. Во македонскиот фолклор постојат бројни приказни за неговата добрина, а една од нив објаснува зошто токму тој добил два празника во годината.
Според обичаите, на Свети Никола не се потсетува никого на долг и не се создава дополнителна мака на луѓето, бидејќи се верува дека тоа носи несреќа. Истовремено, дарувањето има посебно место – гостите носат подароци за домаќините, но и тие, според традицијата, не смеат да ги испратат со празни раце.
Со векови, Свети Никола останува симбол на милосрдие, заштита и заедништво, а неговиот празник и денес е длабоко вкоренет во духовниот и културниот живот на Македонија.

