По повод празникот „Воскресение Христово – Велигден“, денес ќе биде воведен посебен сообраќаен режим во Скопје, со привремено затворање на повеќе улици и булевари во централното градско подрачје, како и во општините Ѓорче Петров и Аеродром.
Како што информираат од СВР Скопје, мерките ќе започнат од 18:00 часот и ќе траат до завршување на верските манифестации. Во зависност од потребата, за сообраќај ќе бидат затворени делови од булеварите „Партизански одреди“ и „Св. Климент Охридски“, како и улицата „Митрополит Теодосиј Гологанов“.
Поради измените, ќе има и прилагодување на трасите на јавниот градски превоз. Автобусите што вообичаено минуваат преку мостот „Гоце Делчев“ ќе бидат пренасочени преку булеварот „Илинден“ и улицата „Франклин Рузвелт“, додека линиите што сообраќаат низ центарот ќе користат алтернативни правци преку „М.Т. Гологанов“ и „Франклин Рузвелт“.
Дополнителни ограничувања ќе има и во општина Ѓорче Петров, каде по потреба ќе биде затворена улицата „Македонска војска“ во близина на црквата „Свети Петар и Павле“, како и во општина Аеродром, каде може да биде затворен локалниот пат кон селото Лисиче.
Надлежните најавуваат дека, во зависност од текот на настаните, може да бидат затворени и други сообраќајници во близина на верските објекти.
Од Министерството за внатрешни работи апелираат до граѓаните да ги почитуваат упатствата на полициските службеници и да планираат алтернативни маршрути за движење.



