Министерство за внатрешни работи, преку Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, поднесе кривична пријава до ОЈО ГОКК против М.З. (37), И.Б. (61) и Г.Б. (59), сите од Скопје, поради основано сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги“ по член 215 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Според информациите од истрагата, на 26 јануари 2026 година, првоосомничениот М.З. од лице од Струга купил моторно возило „Опел Комбо“ со швајцарски регистарски ознаки. Заедно со И.Б., во возилото била сместена поголема количина марихуана, по што го контактирале Г.Б. за да го шлепува возилото од Струга до Скопје за надомест од 200 евра, бидејќи не било во возна состојба.
По пристигнувањето во Скопје, М.З. и И.Б. побарале од Г.Б. за дополнителни 40 евра да продолжи да вози кон Свети Николе, следејќи ги зад возило „Мерцедес“ во кое тие се превезувале.
На регионален пат во близина на Свети Николе, полициските службеници, постапувајќи по претходно добиени оперативни информации за транспорт на голема количина дрога, го запреле товарното возило „Ивеко“ кое го шлепувало „Опел Комбо“.
При деталниот преглед на задната клупа и багажниот простор на шлепуваното возило, биле пронајдени осум торби со вкупно 50 пакувања марихуана.
По извршеното вештачење во Одделот за форензички испитувања при МВР, утврдено е дека запленетата дрога изнесува околу 150 килограми марихуана.
По целосно документирање на случајот, против тројцата осомничени е поднесена кривична пријава, а истрагата продолжува под надлежност на обвинителството.



