Кинескиот автомобилски гигант Geely најави голема експанзија на европскиот пазар со цел да стане еден од водечките играчи во сегментот на електрични и хибридни возила. Во наредните три години, компанијата планира да лансира 15 нови модели, а до 2030 година да воспостави мрежа од 1.000 дилери низ Европа.
Според планот на Geely, во првите пет години акцентот ќе биде ставен на ширење на продажната мрежа во повеќе европски земји, со фокус на хибридни и plug-in електрични модели. Како што најавуваат од компанијата, сите нови модели ќе бидат претставени до 2028 година.
„Купувачите се сè поотворени за нови брендови,“ изјави Мајкл Јанг, директор на британската филијала на Geely. „Кај електричните и plug-in хибридите, лојалноста кон традиционалните брендови се намалува — луѓето се повеќе избираат иновација и ефикасност отколку име,“ додаде тој.
Во моментов, Geely во Европа нуди четири SUV модели, од кои три се со мотори со внатрешно согорување — Coolray, Cityray и Starray, а еден е целосно електричен — EX5.
Со овој план, Geely ја засилува својата позиција на брзорастечкиот пазар на електрични возила и испраќа јасна порака дека сериозно се подготвува за европската електромобилна иднина.

