Мерката „МојДДВ“ не се укинува и продолжува да функционира без прекин, соопшти Управата за јавни приходи (УЈП), демантирајќи ги шпекулациите што се појавија во дел од медиумите. Од УЈП нагласуваат дека не постои никаква одлука за укинување на мерката и дека граѓаните и понатаму можат да ја користат апликацијата и да остваруваат поврат на ДДВ согласно важечките законски прописи.
Средства за спроведување на „МојДДВ“ се предвидени и во Буџетот за 2026 година, што, како што велат од УЈП, е јасен доказ дека мерката ќе продолжи да се реализира континуирано и без прекини.
Директорката на УЈП, Елена Петрова, во интервју за емисијата „Топ тема“ на ТВ Телма истакна дека само во текот на 2025 година на граѓаните им биле вратени речиси 3,5 милијарди денари, односно околу 56,4 милиони евра, по основ на „МојДДВ“.
Колку средства се исплатени по квартали во 2025 година?
Според податоците на УЈП, исплатите по квартали изгледаат вака:
- За четвртиот квартал од 2024 година (исплата во февруари 2025) исплатени се над 870 милиони денари за речиси 500 илјади корисници
- За првиот квартал од 2025 година – околу 784 милиони денари
- За вториот квартал – над 882 милиони денари
- За третиот квартал – речиси 922 милиони денари
Исплатата за четвртиот квартал од 2025 година е во подготовка и, согласно законските рокови, ќе се реализира во февруари 2026 година.
Покрај редовните квартални исплати, во текот на 2025 година биле извршени и дополнителни исплати за корисници кај кои претходно имало неточни или нецелосни податоци. Така, биле исплатени средства за сметки скенирани уште во 2020, 2023 и 2024 година.
Апликацијата функционира, можни се привремени забавувања
Од УЈП информираат дека апликацијата „МојДДВ“ работи редовно. Во рамки на тековните технички унапредувања, можно е повремено забавување при најавување или при вчитување на фискалните сметки, но станува збор за привремени појави на кои активно се работи.
„Апелираме граѓаните да не подлегнуваат на дезинформации и да се информираат исклучиво преку официјалните соопштенија на Управата за јавни приходи“, порачуваат од УЈП, нагласувајќи дека „МојДДВ“ останува активна мерка и не се разгледува нејзино укинување.

