Нефункционални семафори кај Реплек: Закана за безбедноста, институциите молчат

Ученици, велосипедисти, пешаци и возачи секојдневно се соочуваат со зголемен ризик при користењето на раскрсницата кај „Реплек“, поради повторното гаснење на семафорите на улицата Васил Чакаларов. И покрај неколкумесечни реакции и барања до институциите, ситуацијата останува непроменета, а ризикот за сериозни сообраќајни незгоди се зголемува.

Според информациите добиени од активисти и граѓани, семафорите кои беа во функција само две до три недели, повторно се изгаснати – и тоа од страна на СВР Скопје, од засега непознати причини. Оваа одлука предизвикува револт кај локалното население, кое апелира до Министерството за внатрешни работи и министерот Панче Тошковски да реагираат итно и да ја вратат светлосната сигнализација во функција.

Раскрсницата е една од покритичните во Скопје, особено во утринските и попладневните термини. Приклучувањето на возила од улиците Ванчо Мицков и Козле 1 кон Васил Чакаларов, која е силно фреквентна артерија од исток кон запад, често личи на „руски рулет“, како што велат граѓаните.

Особено загрижува фактот што во близина на раскрсницата се наоѓа основното училиште „Братство“, а движењето на децата-пешаци без функционални семафори е сериозно отежнато и опасно.

„Во повеќе наврати е реагирано до надлежните. Во последното известување на МВР испратено до Општина Карпош, а по барање на информација од моја страна, ресорното министерство вешто го избегнува одговорот за нефункционалноста на светлосната сигнализација на оваа раскрсница“ изјави Мартин Димоски, жител на Нерези и член на Советот на Општина Карпош.

Граѓаните бараат Министерството за внатрешни работи веднаш да ги пушти во функција семафорите, а Град Скопје редовно да ја контролира целокупната сообраќајна сигнализација.

Во време кога сме сведоци на бројни сообраќајни несреќи со тешки последици, игнорирањето на проблеми како овој не е само неодговорно, туку и потенцијално фатално. Граѓаните бараат од институциите да преземат одговорност – пред да биде предоцна.

▶ Случајно видео

Сподели ја оваа објава