Сите негативни нешта се создадени од човекот поради неговиот погрешен однос кон Бога
– Што би сакале да зборуваме вечерва? Дали имате некоја тема за која сметате дека е добро да се разговара?
– Зборувајте ни за стресот.
Знаете, според Отците на Православната Црква, злото, од една страна, е недостаток на доброто; во некоја смисла, злото не постои само по себе, исто како што мракот е недостаток на светлина. Таму каде што има светлина, во ниеден случај не можеме да речеме дека ќе собереме мрак за да ја затемниме светлината. Штом постои светлина, мракот не може да се одржи, тој е непостоечки, затоа што мракот постои таму каде што нема светлина. Така и злото постои таму каде што го нема доброто.
Во една душа каде што е присутен Бог, каде што живее Бог, не може да биде присутен и ѓаволот; ѓаволот нема никакво место таму. Во една душа каде што е присутна Божјата светлина, присутен е Бог како светлина, таму нема место за темнината. И да се обидеме да ја внесеме таму темнината, таа не може да опстои, затоа што темнината – духовната темнина – е отсуство на Божјата светлина.
Истото се случува и со стресот, би рекле. Стресот е непостоечки. Луѓето сами го создаваат стресот, како и многу други нешта; и тоа мораме да го имаме предвид. Сите негативни нешта ги создава човекот поради својот погрешен однос кон Бога. Се разбира, генерално, би можеле да кажеме дека човекот, со својата погрешна позиција кон себеси, кон другите, кон реалноста, кон вистината, а особено со својата погрешна позиција кон Бога, создава безброј работи.
Ве молам да обрнете внимание на ова, затоа што некои слушаат што зборуваме и мислат дека Отецот е надвор од реалноста, надвор од општеството, не гледа што се случува. Но, што ако ви кажам дека сум поинформиран од вас? Да, бидејќи живееме во светот. А ние, од нашата позиција, доаѓаме во контакт со најдлабокото од луѓето, со она што не се гледа. И често пати тоа е потемно, поопасно и полошо од она што се гледа. Значи, имаме одредено познавање.
Следствено, сите тие маки што ги минуваме, сето тоа што толку многу ги мачи луѓето, ние самите си го создаваме. Ве молам да обрнете внимание на ова. Немојте да кажете: „Што да правиме, кога другите ни ги создаваат тие маки!“ Категорично велам дека, без оглед на тоа што и да ни предизвикаат другите, тие не можат да ни направат ништо, ако ние самите не му се препуштиме на тоа, ако ние не дозволиме нашата душа да биде повредена од тоа.
Сѐ е како слуга на човекот, сѐ работи за човекот; дури и најлошите нешта. Ние, бидејќи не ги прифаќаме правилно, бидејќи не се соочуваме правилно со нив, ние сме тие што ги правиме да нѐ повредуваат, да нѐ рануваат, да нѐ притискаат, да ни создаваат стрес; ние луѓето.
Го вртиш ножот што те повредил
Многупати начинот на кој реагираш кога минуваш низ некоја тага, болка, повреда, наликува на следново: Ти задале удар со нож, а ти го земаш ножот и почнуваш да го вртиш во раната. Добро, другиот те погодил. Извади го ножот и види како ќе ја зацелиш раната. Не! Ти не го вадиш ножот. Го држиш таму, и ако некој сака да го извади, ти не му дозволуваш; и како да не е тоа доволно, па уште и упорно го вртиш во раната.
Нека не ви изгледа ова чудно. Што мислиш дека правиш кога, на пример, ти кажале некој тежок збор што те ранил, те повредил, а ти постојано размислуваш за тој збор, постојано го имаш на ум, не сакаш да го заборавиш? И како тоа да не е доволно, се лутиш на тој што ти го кажал зборот, злопамтиш, го мразиш, сакаш да се одмаздиш!
Сето тоа всушност значи: Го вртиш ножот што те повредил, додека, да го извадеше веднаш и да го фрлеше, многу мала штета ќе ти направеше. Но ти го вртиш ножот и не сакаш никако да го извадиш. Кој е виновен во оваа ситуација? Добро, другиот те удрил; тоа е неговата работа, тоа прави. Но, ако тој е виновен еднаш што ти го нанел ударот, ти што го држиш ножот таму и не го вадиш, и уште го вртиш, ти си виновен сто пати, илјада пати повеќе.
Се разбира, сѐ започнува од тоа што другиот ја направил првата постапка. Но, ако го анализираме ова и подобро го разгледаме, ќе видиме дека на крајот повторно ние сме тие што сме ја направиле првата постапка. Затоа што, како и да стојат работите, човекот не е целосно невин. Бог го љуби човекот, го заштитува, го покрива; не го остава на милост и немилост на секого. Ако на крај Бог дозволува да претрпиме нешто, тоа значи дека на некој начин тоа малку ни е потребно.
Затоа, да го прифатиме тоа на овој начин: „Боже мој, за да се случи ова, изгледа дека и ми требаше; нешто не беше во ред со мене. Значи, јас сум длабоката причина. Прости му и на тој што го направил тоа“. И оттогаш натаму да се соочуваме со тоа правилно; да не го вртиме ножот во својата рана.
Да Му се довериш на Бога како што малото дете му верува на својот татко
Значи, самите ние си ги создававме сите тие маки што ги имаме во овој свет. Секако, бидејќи соработуваме еден со друг, ние ги вознемируваме другите, тие нас, ние ги онеправдуваме другите, тие нас. Бидејќи секој размислува за својот интерес и сака да живее на сметка на другиот, бидејќи го љуби само своето јас, на крајот сите го трпиме од другите тоа што го трпиме; но сепак, најдлабоката, првобитната причина сме ние самите. Често велиме дека големото зло во животот не е какво-годе зло што ќе ни се случи. Големото зло е ако, што и да ни се случи, не се соочиме со него правилно. Ако се соочиме како луѓе Божји, под Божјата промисла, како нешто што Бог го знае, го контролира и го допушта за наше добро, ако се соочиме со него преку духовните знаења што ги имаме, како нешто што ќе ни биде од полза, тоа не може воопшто да нѐ повреди и тогаш не се создава стрес.
Малото дете – освен оние деца кои од раѓање, значи уште од оформувањето во утробата, имаат некаква чувствителност – по правило нема стрес. Стресот го имаат возрасните, бидејќи малку по малку почнуваат да ја осознаваат одговорноста што ја имаат за себе, одговорноста во животот. Тие имаат стрес. И зошто малото дете нема стрес? Не само затоа што неговата логика, неговиот ум, сѐ уште не се созреани, туку токму затоа што има доверба во својот татко, во својата мајка. Дете кое нема татко, мајка, нема никого, ќе плаче, ќе плаче сѐ додека не издише од плачење. Но кога го има својот татко, својата мајка, кои му се смеат, го држат в прегратка, го хранат, го чуваат, тоа нема никакви проблеми. И светот да пропаѓа, тоа дете е безгрижно.
Кога човекот ќе му се довери така на Бога, нема стрес. И тоа е нешто што може да се случи. Ве молам, да обрнеме внимание на тоа. Не е нешто што не може да се случи. Може да се случи. Секој човек, без оглед на тоа какви проблеми или потешкотии има, може да Му верува на Бога исто како што едно мало дете му верува на својот татко; затоа што така Бог те презема. Или, подобро речено, уште повеќе! Бог се грижи многу повеќе за Својот човек, отколку што родителите се грижат за своето дете. И многу повеќе од тоа што детето се чувствува безгрижно во прегратката на своите родители, се чувствува безгрижен човекот којшто ќе се довери на Бога со сигурност дека Бог сè знае. Не дека нема да ги заврши своите обврски. Ќе ги заврши своите обврски, ќе го впрегне својот ум да размислува, ќе се испоти, ќе се измори. Не е работата, не е потта што го „јаде“ човекот, не е заморот, генерално, што го исцрпува човекот. Човекот го исцрпува, го „јаде“ овој стрес, што главно денеска го има современиот човек.
Она што треба да Му го дадеш на Бога си самиот себеси
Човекот кој има доверба во Бога нема ниту малку стрес – тоа да го знаеме. Секако, ќе кажете: „Но, има Христијани кои се под стрес и кои доаѓаат до точка да одат кај лекари, да земаат лекови итн.“ Што ќе заклучиме? Ќе сметаме дека тие немаат доверба во Бога и дека ние имаме повеќе отколку нив?
Да, постојат и болни состојби. Тие луѓе од природа се такви, нивната психолошка структура е таква што им овозможува да имаат стрес, немир, неспокој, да не наоѓаат утеха, сѐ да им пречи, ова или она. Но дури и кај нив, ако некогаш вистински Го најдат Бога и навистина Му се доверат на Бога, сите тие состојби исчезнуваат, макар и да се предизвикани од нивната природа или од која било друга причина. Се лекуваат и човекот се ослободува. И не знам колку милиони би дал современиот човек за да ја обезбеди таа утеха, тој мир, таа спокојност, тоа отсуство на стрес.
Сепак, не треба да се даваат пари. Она што треба да се даде е самиот себе. Тоа сака Бог. Ако не Му се предадеме на Бога, туку ние самите управуваме, господариме и сме господари на себеси, нашиот дух нема да најде спокој, ќе биде под стрес.
Треба да се предадеме на Бога. Тој сѐ држи во рацете. Колку и да внимава човекот, колку и да се обидува да ги предвиди и среди работите, секогаш ќе се наоѓа во некаква безизлезна состојба. Бог е Оној Кој сѐ држи во рацете и Он го уредува сето тоа.
Затоа, предај се на Бога и нема да те „јаде“ воопшто никаква грижа, да не случајно Бог не успее. И дури кога работите одат толку многу наопаку, што мислиш дека од миг во миг сѐ ќе пропадне, и тогаш повторно си спокоен со Бога. Затоа што за Бога нема ниту смрт, ниту безизлезна ситуација, ниту каков-годе друг проблем.
Извор: bigorski.org.mk Автор: о. Симеон Крајопулос