Њу Делхи, 28 април 2025 (МИА) – Индија денеска потпиша договор со Франција за купување 26 борбени авиони „Рафал“, произведени од „Дасо Авиејшн“, за нејзината морнарица, објави индиското Министерство за одбрана.
„Денеска потпишавме договор за 26 авиони ‘Рафал’“, изјави портпарол на Министерството.
Нарачката, која се очекуваше со години и која се одвиваше бавно, доаѓа покрај претходните 36 „Рафали“ што Индија веќе ги нарача.
Цената на индиската нарачка не е прецизирана.
„Рафал“ е повеќенаменски борбен авион, способен за извршување мисии за воздушна одбрана, извидување или бомбардирање. Тоа е исто така главната алатка на француското нуклеарно одвраќање.
Овој авион го користи француската морнарица од 2004 година, а воздухопловните сили од 2006 година, кои моментално имаат 165 авиони,.
Авионот е продаден во 285 примероци во седум земји од 2015 година – Катар (36), Индија (36), Египет (55), Грција (24, вклучувајќи 12 половни), Емирати (80), Индонезија (42) и Хрватска (12 половни).
Од Пандорка Арсовска-Гацова Извор МИА