Интервју со Добрила Андоновска, носителка на листата за советници за Општина Карпош од Коалицијата „Искуство за успех“.
1. Полека, но сигурно се приближуваат локалните избори. Вие сте носител на листа за член на Совет на Општина Карпош, но истовремено и актуелен советник. Како ја оценувате работата на советот во изминатите четири години, особено доколку се земат во предвид сите оние случувања, од блокирање на програми, обидот за блокирање на носењето на буџетот на Општина Карпош итн.
ДА: Дел сум од советничката група на ГРОМ во Советот на Општина Карпош во три мандати: 2013 – 2017, 2017 – 2021 и 2021 – 2025 и тоа ми дава право да дадам објективна оцена за работата на Советот во последниов мандат кој завршува на 19 октомври. Во изминатите четири години Советот на Општина Карпош, за жал, беше во состав каде одредени советнички групи и коалиции го ставија партискиот интерес пред интересот на карпошани, не водејќи грижа за нивните потреби и барања, а со не – гласањето на програми и проекти се оневозможи континуитетот на постоечките и реализација на нови, од суштинско значење за општината.
Обидот за блокада на Буџетот, покажа дека тие советници, партии и коалиции се спремни да ја ,,фрлат општината во бездна”, со што ќе се доведеше во прашање севкупното функционирање на Општина Карпош, но истовремено ќе беше загрозено и функционирањето на десет основни училишта и четири градинки со тринаесет објекти што би било пример без преседан. На идните советниците треба да им се предочи дека тие се таму да им служат подеднакво на сите граѓани на Карпош, да носат одлуки кои се во нивен интерес, а не во интерес на нивните партии или во личен интерес.
2. Како го оценувате досегашното работење на градоначалникот Стевчо Јакимовски?
ДА: Граѓаните на Карпош имаат среќа што општината ја менаџира градоначалникот Стевчо Јакимовски, кој благодарение на своето знаење, искуство и посветеност, а поддржан од совесните советници успеа да реализира низа капитални проекти од огромно значење за Општина Карпош.
Градоначалникот Стевчо Јакимовски наследи Општина со блокирана сметка од 5,5 милиони евра и 650.000 евра не платен данок во УЈП.
Неговото успешно менаџирање резултираше со расчистување на долгот за само 14 месеци и премина кон редовна исплата на побарувањата. Неговото знаење и искуство беа пресудни и за успешно и систематско враќање на нелогични долгови резултат на судски пресуди од 6,2 милиони евра.
За граѓаните, за животот во општината, но и за општинската сметка од огромно значење е реализацијата на проектот на поставување на ново, смарт, улично осветлување, што резултираше со заштеда над 70%.
Новата општинска зграда нуди современ начин на сервисирање на услугите кон граѓаните на Карпош, воедно претставувајќи најсовремена општина и најсовремена државна институција во Македонија.
Се реконструираа сите основни училишта, се направија енергетски ефикасни и самоодржливи.
Наставата се модернизира со најсовремена опрема со смарт панели, компјутери и друга опрема, а на училишните спортски терени се постави вештачка трева. Се стипендираа талентирани ученици и спортисти, се наградуваа првенците на генерација, се поддржуваа учениците и спортистите, како и нивните ментори, за нивното учество на значајни меѓународни натпревари. Субвенционирање од 50% на ужинките за сите ученици во десетте основни училишта, бесплатна еднодневна екскурзија и многу други поволнолности.
Во делот на градинките, кои се вкупно 13 објекти, во тек е реконструкција и доградба на една од градинките, додека за изградба на друга градинка е постапката во тек. Понатаму, сменет азбестен покрив на еден од објектите, сменети прозорци, поставени ПВЦ прозорци, тоалети, инвентар, дидактички играчки, а целосно се опремени две сензори соби, во објектите каде недостасуваа.
Матурантите добиваа субвенции за полагање на возачки испити.
Реконструкција и изградба на улици и подземна инфраструктура.
Во овој мандат се направија 9 нови термички фасади, а општина Карпош е единствена општина која благодарејќи на градоначалникот Стевчо Јакимовски може да се пофали со 60 згради со фасади од највисок стандард. Се субвенционираа лифтови, менување на азбестни покриви.
Субвенционирање на велосипеди и електрични тротинети.
Она што е особено важно за здравата животна средина, треба да се нагласи дека во последниов мандат на градоначалникот Стевчо Јакимовски беа засадени над 1500 листопадни и зимзелени дрвја и над 1700 украсни растенија.
Што да се каже за градоначалник кој наследил блокирана сметка 5.500.000 евра, а го привршува мандатот со Буџет од 17.000.000 евра?
Одговорот ќе го дадат граѓаните со својот глас на локалните избори, затоа што секогаш нивниот избор е за повеќе резултати, а помалку изговори.
3. Што е она што Ве мотивираше повторно да бидете носител на советничката листа?
ДА: Основен мотив да бидам повторно носител на советничката листа е да го ставам во служба на карпошани сето свое животно, професионално и политичко искуство, затоа што искуството гарантира успех. Особено мислам на веќе стекнатото искуство како советник кој бил дел и од мнозинството во Советот, но и како опозиционер. Мене ме следат исто така искусни и докажани советници и секој од нас е подеднакво носител на советничката листа независно на кое место е на гласачкото ливче. Сите ние сме придружени од кандидати за советници кои сакаат да се приклучат на поискусните и да бидат дел од решенијата, а не дел од изговорите. Најголем мотив ми е да се продолжат Програмите и проектите кои по никаква цена не смеат да запрат. Да го сочуваме Карпош од експериментирање и аматеризам, од тие кои ја гледаат локалната власт како ,,банкомат”, а не како маратон во кој треба да се истрае и да се стигне до целта заедно со граѓаните.
4. На што треба да се стави фокусот во наредните неколку години, во поглед на развојот на Општина Карпош?
ДА: Карпош нема нерешливи проблеми. Ќе се продолжат сите досегашни проекти од сите сектори: образование, детска и социјална заштита, комунални дејности, спорт, култура, урбанизам, екологија и енергетска ефикасност, локален економски развој, проекти од областа на еднакви можности меѓу мажите и жените и сите останати Програми и проекти.
Во фокусот ќе биде решавањето на проблемите со комуналниот отпад, проблем наметнат од нефункционалноста на ЈП Комунална хигиена. Решението ќе се бара во итни законски измени и превземање на ингеренциите од страна на општината, со што би се добила чиста општина како што доликува на Карпош.
Истото се однесува и на услугите кои треба да ги испорачува ЈП Паркови и зеленило.
Две јавни претпријатија кои не ги задоволуваат високите стандарди на карпошани.
Фокусот ќе биде и на проблемот со паркирањето, затоа што Карпош е ,,град во град” и потребата за ,,паркинг плус” е секојдневие. Решение ќе се бара во изградба на повеќе катни гаражи и монтажни платформи.
Се привршува реконструирањето на градинката Мајски Цвет во Тафталиџе, наскоро ќе започне изградба на нова градинка Пролет во Козле, а ќе бидат изградени нови градинки во Нерези, Злокуќани и Влае, како и проширување на градинката во Бардовци.
Во училиштата ќе бидат вградени подни системи за греење и ладење и ќе бидат со обновливи извори на енергија.
Училиштата ќе добијат и две нови спортски сали со високи стандарди за спортување, кои заедно со Партизан 4, поточно Спортската сала ,,Наум Наумовски Борче” која се врати на Општина Карпош на барање на карпошани ќе нудат одлични услови за спортување и натпреварување.
Се продолжува со фасади со термални карактеристики.
Се зголемуваат сите досегашни стипендии и награди за талентирани ученици и спортисти.
Се зголемува поддршката за семејства во социјален ризик, стари и изнемоштени лица, лица со попречености и болни.
Се зголемуваа субвенционирањето за возачки дозволи, лифтови, покриви, но и нови видови на субвенции за: фотоволтаични системи, инвертери, бушотини на вода за наводнување, електрични возила и други субвенции значајни за граѓаните.
Понудената Програма всушност е динамична и може да се надгради со квалитетни предлози од граѓаните поради секојдневно зголемуваат на нивните барања за нови услуги од страна на локалната власт.
Впрочем, локалната власт е најблиска до граѓаните и таа постои токму поради нив – граѓаните на Општина Карпош.
5. Кои се Вашите очекувања од овие избори?
ДА: Очекувам дека ќе победи најдобриот, најспособниот и најискусниот градоначалник г-дин.Стевчо Јакимовски. Очекувам значаен број на советници од нашата Коалиција, затоа што граѓаните знаат дека во Советот треба да ги застапуваат советници кои се ЗА Карпош, а не ПРОТИВ Карпош.
Како што е и нашиот слоган ,,ИСКУСТВО ЗА УСПЕХ”, а би ја додала и пораката: ,,Да го одбраниме Карпош! Да го сочуваме достоинството!”. Граѓаните на Карпош, како и секогаш, во една демократска и свечена атмосфера ќе го направат најдобриот избор за нив и за континуираниот развој по кој е препознатлива Општина Карпош.



