Панко Брашнаров (09.08.1883 – 13.07.1951)
Помеѓу најзначајните, но и најтрагичните личности од македонската историја, стои името на Панко Брашнаров – човекот кој го отвори Првото заседание на АСНОМ, а кој заврши живот во затворски пекол на Голи Оток, осуден од системот што го градеше.
Роден на 9 август 1883 година во Велес, Панко Брашнаров уште како млад влезе во просветните и политичките води. Образованието го стекна во Егзархиската прогимназија во родниот град, а потоа и во Педагошкото училиште во Скопје. Како учител по селата околу Куманово, започнал да шири револуционерни идеи.
Во текот на бурниот политички живот, Брашнаров учествувал во основањето на ВМРО (Обединета) и бил член на првиот Централен комитет. Во меѓувреме, станал и активен член на Комунистичката партија на Југославија, присуствувајќи на значајни конгреси и конференции. Повеќепати бил апсен и затворан, вклучително и во Сремска Митровица, каде што издржал повеќегодишна робија.
Неговото најзначајно појавување на јавната сцена се случува во 1944 година, кога, како најстар делегат, го отвора Првото заседание на АСНОМ и станува потпретседател на Президиумот. Подоцна е избран и за повереник за информации, а во 1945 година повторно е реизбран во Президиумот.
Но, политичката линија на Југославија набргу се менува. По објавувањето на Резолуцијата на Информбирото во 1948 година, Брашнаров недвосмислено се става на страната на Советскиот Сојуз и Сталин. Поради тоа, на 11 декември 1950 година е уапсен, а на 29 јуни 1951 осуден на „општествено полезна работа“. Испратен е на Голи Оток, каде што само неколку дена подоцна, на 13 јули 1951 година, умира како најстариот политички затвореник по линија на Информбирото.
Децении подоцна, неговата судбина остана обвиена со тајност. Дури во 2011 година, новинарска екипа од емисијата КОД успеа да го открие гробот на Панко Брашнаров на гробиштата Мирогој во Загреб. Откриено е дека неговите остатоци доживеале две есхумации и биле преместувани во необележани гробни места, за на крајот да завршат на периферијата на гробиштата – заборавени од историјата што самиот ја креираше.
Панко Брашнаров останува симбол на сложената историја на македонската борба за државност и на трагичните последици од идеолошките пресврти на XX век. Неговата приказна е и потсетник за сите што државата и историјата не смеат да ги заборават оние што дадоа сè за неа.