Јапонското финансиско поле доживеа историски момент во понеделникот, откако Либерално-демократската партија (ЛДП), предводена од премиерката Санае Такаичи, оствари убедлива победа на изборите. Оваа победа не само што испрати силен сигнал за политичка стабилност, туку и за континуитет на економската политика во земјата. ЛДП успеа да освои 316 од вкупно 465 места во долниот дом на парламентот, што е прв пат од 1947 година, кога е основан современиот парламентарен систем во Јапонија, да една партија самостојно обезбеди двотретинска мнозинска поддршка.
Со дополнителните 36 места од коалициониот партнер, Јапонската иновациона партија, владејачкиот блок сега располага со 352 места, што премиерката и овозможува да реализира законодавни иницијативи без значителни пречки. Реакцијата на финансиските пазари беше моментална. Индексот Никеи достигна рекорден максимум, пробивајќи ја границата од 56.000 поени веднаш по отворањето на берзата, а кратко време потоа надмина и 57.000 поени, завршувајќи со раст од 3,9 проценти на 56.363 поени.
Другите азиски берзи исто така покажаа позитивни трендови, со јужнокорејскиот Коспи кој порасна за 4,4 проценти, хонгконшкиот Ханг Сенг за 1,8 проценти, а австралискиот S&P/ASX 200 за 1,9 проценти. На валутниот пазар, јапонскиот јен првично ослабе за 0,3 проценти во однос на доларот, достигнувајќи најниско ниво во последните две недели, но потоа се опорави со раст од 0,5 проценти, што укажува на сложената реакција на инвеститорите на политичката стабилност и фискалната неизвесност.
Премиерката Такaичи најави амбициозен план за фискален стимул од околу 21 трилион јени, што е приближно 134 милијарди долари. Клучна компонента на овој план е привремена суспензија на данокот на промет на храна од осум проценти во период од две години, со цел да се ублажи инфлацијата и да се поттикне потрошувачката. Оваа мерка е од големо политичко и социјално значење, бидејќи директно влијае на животниот стандард на граѓаните, но истовремено поставува прашања за одржливоста на јавните финансии.
Јапонија веќе се соочува со највисок јавен долг меѓу развиените економии, а дополнителниот фискален стимул финансиран преку задолжување може да ја оптерети државната каса. Затоа, пазарот на државни обврзници реагираше со опрезност. Приносот на десетгодишните јапонски државни обврзници порасна за шест базни поени на 2,282 проценти, додека приноси на тридесетгодишните обврзници достигнаа 3,55 проценти. Овие движења укажуваат на растечката загриженост на инвеститорите за потенцијалното зголемување на инфлацијата и дополнителното задолжување на државата.
Аналитичарите сметаат дека изборната победа на премиерката Такaичи е двосекло меч. Од една страна, силниот политички мандат ѝ овозможува да спроведува економски реформи и фискални мерки без значителни пречки. Од друга страна, таа слобода носи ризик од агресивна фискална политика, која може да предизвика негативна реакција на финансиските пазари, особено ако инвеститорите проценат дека државата презема прекумерно задолжување без јасен план за финансирање.
Клучното прашање кое останува отворено е како ќе се финансира планираното намалување на даноците и фискалниот стимул. Премиерката Такaичи ја исклучи можноста за издавање дополнителен државен долг како основен извор на финансирање, но сè уште не е презентирала конкретен алтернативен план. Проценките покажуваат дека само намалувањето на данокот на храната би можело да ги намали буџетските приходи за околу 5.000 милијарди јени годишно, што е износ приближно еднаков на целокупниот годишен буџет на Јапонија за образованието.



