Во салата врие како во кошница: „Смрт! Смрт!” извикуваат присутните.
Речиси 70-годишна сета во црнина, Цветана Ацева, мајка на народниот херој Мирче Ацев, зборува како да проколнува:
„Чув дека Мирче е уапсен, па дојдов кај Раев да помолам да му однесам јадење на синот, а тој грубо ми одговори:
– Што сакате од мене? Не знам ништо! За разбојници и не треба јадење!
А кога го донесоа телото на син ми тоа беше сето искасапено: во прстите, под ноктите, уште се забележуваа траги од спиците, прстите на нозете му беа скршени, имаше дупки на тилот, косата му беше сета искубена, а целата младешка снага нагрубена!”
Пред судот, пред обвинетите и пред оние што во салата го следат судскиот процес, со солзи во очите и
премалена излегува Наста Пинџурова, бабата на Страшо Пинџур. Таа плаче додека зборува:
– И син ми, таткото на Страшо, загина за слободата на Македонија и каде му е гробот јас и до ден денес не знам. А, ете, овие крвници не ми кажуваат каде е гробот и на мојот внук Страшо.
Старицата се врти кон членовите на Вишиот суд:
– Го молам судот да ми помогне да го најдам гробот на внук ми Страшо Пинџур.
Публиката е вознемирена. Таа извикува:
– Бесилка на мостот! Бесилка на мостот!
Извадок од „Судењата како последен пораз“ од Јован Павловски, Центар за информирање и издавачка дејност „Полог“ – Тетово, 1966 година.

