Во понеделник, 19 јануари 2026 година, Крива Паланка ќе биде домаќин на традиционалното и свечено одбележување на големиот христијански празник Богојавление – Водици, еден од најзначајните денови во православниот календар.
Одбележувањето ќе започне со Света Божествена Литургија во Соборниот храм „Св. Великомаченик Димитриј“, по што ќе следува црковна поворка до Кејот на Крива Река. Таму ќе се изврши осветување на водите и традиционалното фрлање на Светиот Крст, чин кој го симболизира Христовото крштевање и духовното прочистување.
По завршувањето на верскиот обред, празнувањето ќе продолжи на Градскиот плоштад, каде ќе се одржи празнична манифестација во рамки на „Пифтијада 2026“. Посетителите ќе имаат можност да вкусат над 4.000 традиционално подготвени пивтии, како и скара, греано вино, топол чај и греана ракија.
За музичката атмосфера ќе се погрижат Ленче Кукиќ и нејзиниот бенд, кои ќе настапат со богата програма во духот на македонската традиција и празничното расположение.
Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, истакна дека празникот Водици претставува силен симбол на верата, заедништвото и вековната традиција.
„Богојавление – Водици е празник што нè обединува и нè потсетува на нашите духовни и културни вредности. И оваа година, Општина Крива Паланка создава услови празникот да се одбележи достоинствено и масовно, во духот на нашите обичаи“, изјави Митовски.
Најсреќниот учесник кој ќе го извлече Светиот Крст ќе биде свечено прогласен и награден, во согласност со долгогодишната традиција.
Општина Крива Паланка ги повикува сите граѓани, верници и гости од земјата и странство да присуствуваат и заеднички да го одбележат празникот во духот на христијанската вера, македонската традиција и заедништвото.

