СВР Струмица поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Струмица против едно правно лице од Струмица, како и против В.Ј. (35) и С.П. (44), двајцата од Струмица, поради основано сомнение за сторено кривично дело „даночно затајување“ по член 279 од Кривичниот законик.
Според пријавата, правниот субјект, во својство на даночен обврзник, а осомничените како управители, во текот на 2024 година избегнувале да ја исполнат законската обврска за плаќање данок. Иако редовно поднесувале даночни пријави до Управата за јавни приходи, тие не го уплатиле данокот на утврдените сметки, со цел да се стекнат со противправна имотна корист.
Се работи за неплатен данок на додадена вредност (ДДВ) за два контролирани периода:
- од 1 април до 30 јуни 2024 година, во износ од 1.340.048 денари
- од 1 октомври до 31 декември 2024 година, во износ од 8.691 денар
Со ваквото постапување, според надлежните, пријавените го оштетиле Буџетот на Република Северна Македонија за вкупен износ од 1.348.739 денари.
Надлежните институции продолжуваат со постапката за целосно расчистување на случајот.



