Четириесет и осумгодишен жител на Куманово пријавил во полиција дека бил измамен за 43.750 евра при обид да купи криптовалути, информираат од Министерството за внатрешни работи.
Според пријавата, на 26 февруари 2026 година околу 20 часот во СВР Велес, тој навел дека претходно објавил оглас на социјална мрежа за откупување криптовалута. По извесно време преку друга социјална мрежа стапил во контакт со лице со кое се договориле парите да ги уплати во крипто менувачница во Велес, по што на неговата крипто-адреса да му бидат префрлени договорените средства.
Пријавителот ги предал парите на лице вработено во менувачницата, кое му потврдило дека трансакцијата е извршена и средствата се испратени. Сепак, криптовалутите не пристигнале на неговата адреса. Набргу потоа, лицето со кое комуницирал го избришало разговорот од социјалната мрежа и ги блокирало неговиот телефонски број, како и бројот на менувачницата, по што оштетениот сфатил дека станува збор за измама.
За настанот е известен јавен обвинител и се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.


