Основното јавно обвинителство во Струмица покрена истражна постапка против 48-годишен маж, осомничен за обид за убиство на неговата сопруга. Инцидентот се случил на 26 ноември во нивниот дом во селото Просениково, каде што мажот, за време на семејно насилство, се обидел да ја лиши од живот неговата жена.
Според информациите, осомничениот ја фатил за главата и со шприц се обидел да и вбризга во устата течност, за која се верува дека е пестицид. Жртвата, во паника, почнала да се бори и да вика, а нивните две малолетни деца, слушајќи ја, се обиделе да ја заштитат мајка им. Жената успеала да се затвори во бањата, но мажот влегол по неа, ја турнал во кадата и со нож и нанесувал повреди на вратот.
Децата повикале роднини, кои успеале да го спречат осомничениот и да ја однесат мајката во болница. Во својот исказ пред јавниот обвинител, жената открила дека подолг период била жртва на физичко и психичко насилство, но не се осмелувала да пријави. Поради сериозноста на ситуацијата, јавниот обвинител побарал мерка притвор, укажувајќи на реалната опасност осомничениот повторно да изврши насилство или да влијае на сведоците.

