Три млади лица се приведени рано утрово во Скопје, откако полицијата во возило со кое се движеле пронашла книги за кои е утврдено дека потекнуваат од Државниот архив, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Полициска патрола околу 04:45 часот запрела патничко возило „Опел Тигра“ со скопски регистарски ознаки, на потегот меѓу булеварот „Партизански одреди“ и улицата „Московска“. Автомобилот го управувал 18-годишен скопјанец, а со него биле уште 19-годишно лице и малолетник на 17 години, исто така од главниот град.
По претходно добиени оперативни информации, полициските службеници извршиле контрола на возилото, при што биле пронајдени повеќе книги. По дополнителна проверка било утврдено дека станува збор за материјали во сопственост на Државниот архив.
Од МВР информираат дека пронајдените книги се одземени и ќе бидат вратени на надлежната институција, а по целосно расчистување и документирање на настанот, против инволвираните лица ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.

