Обилните врнежи од дожд во изминатиот период предизвикаа сериозни проблеми на повеќе локации низ државата. Излевања на реки, поплавени станбени објекти и земјоделски површини, како и појава на одрони и свлечишта на патните правци, беа регистрирани во неколку региони.
Според информациите од Центар за управување со кризи, најкритична била состојбата во Кичево, каде што поради поплавување на повеќе станбени објекти биле евакуирани 60 лица. Надлежните служби интервенирале навреме, а евакуираните лица биле сместени на безбедни локации.
Поплавени земјоделски површини и објекти
Поради излевање на Лакавичка Река и Сушичка Река, поплавено е земјоделско земјиште во нивната околина, што предизвика материјална штета кај земјоделците.
Во Битола и околината, евидентирана е поплава кај мостот во селото Лера, додека во селото Породин била поплавена живинарска фарма.
Проблеми и во други региони
Во Општина Ресен, дождовите предизвикале поплавување на дворови и земјоделски парцели. Истовремено, одрони биле регистрирани на патниот правец Гостивар – Стража, што го отежнувало сообраќајот.
Кај месноста Балин Дол, поради излевање на река Вардар, поплавени биле околу 10 земјоделски парцели.
Апел за внимателност
Значителни одрони се забележани на патниот правец Кочани – Делчево, Делчево – Пехчево и Македонска Каменица – с. Саса. Возењето е отежнато поради што се препорачува внимателно возење на овој патен правец како и превоите Страцин и Стража.
Апел за внимателност
Надлежните институции апелираат граѓаните да бидат внимателни, особено во подрачјата во близина на реки и нестабилни терени, како и да ги следат официјалните известувања за временските услови и евентуалните нови ризици. Службите за итни интервенции и понатаму ја следат состојбата на терен.

