Сериозен обид за меѓународен шверц на оружје е спречен на јужната граница на државата, при што се запленети девет пиштоли, од кои пет со голема пробивна моќ, а едно лице – македонски државјанин – е лишено од слобода и се наоѓа во притвор.
Случајот бил откриен во вторникот навечер на Граничен премин Богородица, на излез од државата, при детален царински претрес на патничко возило со македонски регистарски ознаки. Возилото било управувано од македонски државјанин, а при контролата, царинските службеници откриле скриено оружје во кровната конструкција на автомобилот, помеѓу лимот и внатрешниот тапацир.
Според информациите од надлежните, пронајдените пиштоли биле од марката „Црвена Застава“, внимателно сокриени со цел да се избегне граничната контрола.
По откривањето, случајот бил преземен од Сектор за контрола и истраги – Одделение за истраги, кои го лишиле од слобода осомничениот и спровеле предистражни дејствија. Против него е поднесена кривична пријава до Основно јавно обвинителство Гевгелија за кривично дело „неовластено држење, посредување и тргување со оружје и експлозивни материи“, казниво согласно Кривичниот законик.
По наредба на јавен обвинител, осомничениот е спроведен во притвор, а истрагата за можните врски со поширока криминална мрежа и меѓународни канали за трговија со оружје сè уште е во тек.

