Преодот од зимски кон пролетен период носи зголемен број оштетувања на ветробранските стакла на автомобилите, предупредуваат европските сообраќајни институции, повикувајќи се на податоци од осигурителни компании.
Главната причина за ваквиот тренд се камчињата и нечистотијата кои остануваат на патиштата по зимската сезона, а кои лесно можат да предизвикаат оштетувања при движење на возилата.
Според извештај на шведската управа за сообраќај, бројот на пријавени штети е во постојан пораст, при што како дополнителен фактор се наведува и конструкцијата на современите автомобили. Потенките ветробрански стакла, кои производителите ги користат со цел да ја намалат тежината на возилото, се поосетливи на удари од ситни камчиња.
Сличен тренд покажуваат и податоците од Норвешка, каде бројот на пријавени оштетувања од камчиња значително пораснал – од околу 122 илјади случаи во 2000 година, на повеќе од 318 илјади во 2024 година.
Стручњаците посочуваат дека комбинација од повеќе фактори придонесува за ваквите оштетувања. Современите автомобили имаат поаеродинамичен дизајн, што овозможува камчињата полесно да стигнат до ветробранското стакло, за разлика од постарите модели со поизразени браници и заштитни елементи.
Дополнително, пошироките гуми кај модерните возила подигнуваат повеќе камчиња од патот, додека шарата на зимските и „all-season“ гумите овозможува тие да се задржат и потоа да се исфрлат со голема брзина. Зголемениот број на изминати километри исто така придонесува за поголем ризик од вакви оштетувања.
Кога станува збор за марките на автомобили, податоците од Шведска за периодот 2023–2024 покажуваат дека најмногу пријавени оштетувања има кај возилата на Tesla, при што поправките се и поскапи во однос на другите брендови. Причината делумно лежи во специфичната безбедносна зона на ветробранското стакло кај овие возила, каде не е дозволена поправка, па дури и помалите оштетувања бараат целосна замена на стаклото.
Меѓу марките со најмногу пријавени оштетувања се и Lexus, Mini, BMW, Mercedes-Benz, Audi, Volkswagen, Seat, Škoda и Ford, како и Subaru, Kia, Toyota, Citroën, Fiat, Volvo, Mazda, Nissan, Renault и Peugeot.
Извештајот се базира на анализа на повеќе од 840 илјади случаи на оштетувања на ветробрански стакла, што дополнително ја потврдува сериозноста на овој проблем на европските патишта.



