Германскиот банкарски гигант Дојче банка се најде во центарот на полициска истрага само еден ден пред да ги објави најдобрите финансиски резултати во својата историја. Германските власти извршија претрес во седиштето на банката во Франкфурт и во нејзините канцеларии во Берлин, во рамки на истрага поврзана со сомнежи за можно перење пари и трансакции кои се доведуваат во врска со рускиот олигарх Роман Абрамович.
Акцијата доаѓа во момент кога банката бележи рекордни бројки. Во 2025 година „Дојче банка“ оствари добивка од 9,7 милијарди евра, додека чистата добивка изнесува 6,1 милијарда евра – највисок резултат досега. Наместо прослава, раководството се соочи со сериозни прашања од јавноста и инвеститорите.
Според германското обвинителство, предмет на проверка се финансиски операции од периодот меѓу 2013 и 2018 година, за кои постои сомнеж дека можеби биле користени за прикривање на потеклото на средства. Абрамович, чие име се споменува во истрагата, од 2022 година се наоѓа под санкции на Европската унија, додека неговите адвокати велат дека немаат информации за тековна постапка против него.
За „Дојче банка“ ова не е прв ваков удар по угледот. Во изминатите години банката повеќепати се соочуваше со истраги и казни поради сомнежи за финансиски нерегуларности, што дополнително ја оптоварува довербата во институцијата. Новата полициска акција повторно ја отвори темата за транспарентноста и контролата на работењето на една од најголемите банки во Европа.
Претседателот на управата Кристијан Зевинг се обиде да ја смири ситуацијата, истакнувајќи дека банката останува фокусирана на својата стратегија и дека нема да отстапи од зацртаните цели. Сепак, аналитичарите предупредуваат дека развојот на истрагата може да има значајни последици врз репутацијата и идното работење на банката, без оглед на рекордните финансиски резултати.



