Поради влошената безбедносна состојба во Исламска Република Иран, Министерството за надворешни работи на Република Македонија упати апел до сите македонски државјани кои моментално се наоѓаат во оваа земја, да ја напуштат територијата на Иран во првата можна и безбедна прилика.
Истовремено, од МНР препорачуваат одложување на сите патувања кон Иран кои не се од итен и неопходен карактер, сè додека безбедносната состојба не се стабилизира.
Министерството информира дека ги има активирано сите расположливи капацитети за помош и асистенција на македонските државјани. За таа цел, граѓаните можат да се обратат на 24-часовниот СОС дежурен телефон: +389 75 268 736, на електронската адреса globalsos@mfa.gov.mk, како и на дежурниот телефон на Дипломатско-конзуларното претставништво на Македонија во Анкара: +90 539 456 97 10.
Од МНР нагласуваат дека состојбата внимателно се следи и дека јавноста ќе биде навремено информирана за сите понатамошни препораки и мерки.

