Од февруари годинава, невработените лица во Србија ќе добиваат повисоки месечни и дневни надоместоци, откако државата изврши усогласување на исплатите со годишната инфлација од 2,7 проценти.
Според информациите од Национална служба за запошљавање (НСЗ), корекцијата ќе донесе реално зголемување на финансиската поддршка за илјадници граѓани кои се без работа, а ќе има ефект и врз други социјални права поврзани со минималните примања.
Со новите пресметки, најниската бруто исплата ќе изнесува 33.745 динари, што е зголемување од 887 динари, додека највисокиот бруто надоместок достигнува 78.226 динари, односно за 2.057 динари повеќе од досега.
Кога ќе се пресметаат придонесите, најниската нето исплата ќе биде 22.170 динари, а највисоката 51.394 динари, што значи дека дел од корисниците ќе добијат над илјада динари повеќе месечно.
Износот што ќе го добива секој корисник и понатаму ќе зависи од повеќе фактори – висината на претходната плата, работниот стаж и бројот на работни денови во месецот. Дневната основица сега е утврдена на 1.507 динари, а надоместокот се пресметува во распон од 60 до 90 проценти од таа основа.
Од бруто износот задолжително се одбиваат придонеси за пензиско, инвалидско и здравствено осигурување, што вкупно изнесуваат над 34 проценти.
Важно е што зголемувањето ќе важи автоматски, односно сите лица кои веќе примаат надоместок нема да треба да поднесуваат нови барања или документи. Исплатите ќе бидат прилагодени по службена должност.
Оваа мерка се оценува како обид на властите да го ублажат ударот од растот на трошоците за живот и да обезбедат минимална сигурност за лицата кои моментално се надвор од пазарот на труд.



