Ципрас во Белград ќе претседава со Комитетот на Парламентарното собрание на Советот на Европа за Западен Балкан

Атина, 9 октомври 2024 (МИА) – Под претседателство на Алексис Ципрас, Комитетот на Парламентарното собрание на Советот на Европа за Западен Балкан денеска и утре ќе одржи состаноци во Белград, a домаќин ќе биде Собранието на Србија, јави дописничката на МИА од Атина.

Работата на Комитетот заедно со Ципрас ќе ја отворат српскиот премиер Милош Вучевиќ и претседателката на Собранието на Србија Ана Брнабиќ, а ќе учествуваат пратеници од земјите-членки, особено од Западен Балкан.

Според информациите од Грција, се очекува Ципрас, како претседател на Комитетот да ја истакне важноста што ја има почитувањето на меѓународните договори за обезбедување мир и стабилност, за справување со национализмот и за европската перспектива на Западен Балкан.

Дополнително, ќе ја нагласи важноста на заедничкиот развој на регионот во економијата, енергетиката и новата зелена и дигитална агенда, како и координација во прашањата за безбедноста и дипломатијата за градењето доверба и справувањето со национализмот.

На маргините на состанокот, Ципрас ќе се сретне со српскиот премиер.

Од Сања Ристовска/МИА

▶ Случајно видео

Сподели ја оваа објава