
Сашко Митовски
Градоначалник на Крива Паланка
2025 година за Крива Паланка беше интензивна, динамична и полна со предизвици, но истовремено и силно мотивирачка. За мене лично, тоа беше година на најголем личен предизвик, но и година на зреење, искуство и мудрост. Со оглед на тоа дека беше изборна година, динамична...најважно беше да го одржиме балансот. Во изборниот процес влеговме подготвени, со јасна визија и со чувство за континуитет каде застанавме и каде треба да продолжиме. Многу ми е драго што граѓаните го препознаа тоа и ја наградија нашата работа со доверба. Искрено, не е лесно да се пронајде совршена рамнотежа меѓу професионалните обврски и приватниот живот. Од една страна, стои целосната посветеност кон потребите на граѓаните, а од друга одговорноста кон семејството. Тоа е предизвик што го носи секоја одговорна јавна функција. Она што ме држеше цврсто и фокусиран беше интензивната теренска работа и секојдневната поддршка што ја добивав од граѓаните, особено во неформалните средби. Тие искрени разговори, довербата и очекувањата што ги имаат од мене беа мојата најсилна мотивација. Семејството и граѓаните се мојата најголема инспирација. Тие ме потсетуваат зошто ја работам оваа работа и зошто вреди секој вложен напор за да создаваме подобри услови за живот денес и посигурна иднина за генерациите што доаѓаат.
Во 2025 година се реализираат неколку значајни проекти кои директно го подобруваат животот на граѓаните и го развиваат потенцијалот на Крива Паланка. На терен е започната изградбата на адреналинскиот парк на Калин Камен, финансиран преку ИПА програмите на Европската Унија, кој претставува сериозен туристички потенцијал за градот. Активни се градежните активности за изградба на атмосферската канализација и целосна реконструкција на централната градска улица со нов асфалтен слој, проект вреден над 1 милион евра. Започнати се и градежните активности за реконструкција на постоечкиот локален пат до Калин Камен, исто така проект вреден над 1 милион евра. Паралелно, се во завршна фаза спортските трибини на спортскиот комплекс, а имаме активни договори за изградба на неколку нови детски катчиња. Во наредниот период ќе се реализираат реконструкции на неколку локални улици преку развојната програма на општината. Завршена е тендерската постапка за партерно уредување на дворот на ЛУ „Градски музеј“, како и доуредување на дворот на старото училиште во село Градец, проекти финансирани преку европски фондови и програми. Исто така, во тендерска постапка е проектот за изградба на ролерска и пешачка патека покрај Крива Река, кој ќе ги поврзе населбата Бегови Бавчи со спортскиот комплекс и ќе овозможи рекреативни можности за сите генерации. Продолжуваме со проектот за изградба на нов локален селски пат до најодалеченото село во Крива Паланка, село Нерав. Во фаза на потпишување е и нов договор за продолжување на изградбата на пешачка патека Бабин дол до нашиот туристички бисер св. Јоаким Осоговски. Преку МЖ Општина Крива Паланка обезбеди неповратен грант во висина од 1 милион евра за проекти од водоводна и канализациона инфраструктура. Сите овие активности значат подобри услови за живеење, поголема безбедност, современа инфраструктура, повеќе спортски и рекреативни содржини, како и дополнителни можности за туризам и развој на градот.
Довербата е најсветата вредност во јавната служба и таа се гради исклучиво со работа и резултати. Токму преку таа доверба испишавме сериозни резултати и успеси. Денес сум горд што кога ќе се спомне Крива Паланка, се мисли на уреден, среден и функционален град , град што живее и функционира во секој сегмент од општествениот живот. Посебно ми е драго што со години по ред го задржуваме епитетот на зелен, чист и уреден град. Истовремено, Крива Паланка е препознатлива како силна културна сцена , град што живее преку настани, култура и заедништво во текот на целата година. За првпат воведовме системски мерки за поддршка на образованието, младите и спортот, како и социјални мерки за различни категории граѓани. Во изминатиот период реализиравме над 300 конкретни проекти, асфалтиравме повеќе од 50 локални и регионални улици, а по повеќе од половина век, Крива Паланка доби нов Генерален урбанистички план – клучен документ за идниот развој на градот. Инвестиравме во детската и спортската инфраструктура како никогаш досега. Градевме детски катчиња, спортски терени, нови зелени и урбани паркови, пешачки патеки – во секој сегмент од општественото функционирање. Градот ја доби првата катна гаража и покриен зелен градски пазар, над градот се издигна православен крст како заштитник на градот, а завршивме и реконструкција на петте градски мостови со автентичен мурал со сите значајни одбележја.
За една година ја гледам Крива Паланка како современ, функционален и уште поатрактивен град за живеење и туризам. Нашата цел е да ги довршиме започнатите проекти : изградба на адреналинскиот парк на Калин Камен, реконструкција на улиците, завршување на спортските и детските инфраструктурни проекти и изградба на пешачките и ролерските патеки покрај Крива Река. Паралелно, ќе реализираме нови проекти со големо значење за граѓаните, како изградба на дом за стари лица, решавање на проблемот со вода во село Конопница, подобрување на сообраќајната инфраструктура и развој на туристички содржини, вклучително ски стази, ски-лифт на Калин Камен и нова боемска улица со шеталиште покрај Дурачка Река. Со овие активности, Крива Паланка ќе продолжи да се развива како современ, зелен и привлечен град, кој нуди квалитетен живот за сите граѓани и ја промовира својата уникатност како туристичка дестинација.
Во изминатата година посветивме големо внимание на младите, семејствата и ранливите категории. Обезбедивме системска поддршка за образованието, бесплатни униформи, стипендирање на талентирани ученици и спортисти, поддржување на спортот и културните активности, изградивме нови детски катчиња и спортски терени, воведовме социјални мерки за поддршка на семејствата и ранливите групи, а преку инфраструктурните проекти создадовме подобри услови за живот за сите генерации.
Новогодишните празници ги доживувам како време за размислување, семејство и благодарност. На приватен план, посакувам здравје, среќа и хармонија во секој дом, а како градоначалник уште пофокусирана и резултатна работа за развој на Крива Паланка и подобрување на условите за живот на сите граѓани.
На сите граѓани на Крива Паланка им посакувам среќна и успешна Нова година, исполнета со здравје, радост и мир. Ви благодарам за довербата и поддршката, и ветувам дека и во наредната година нашата работа ќе биде посветена на создавање подобри услови за живот, развој на градот и градење на уште поубаво и современо Крива Паланка за сите нас.
Н. Заовска


