Во координирана ноќна акција, полицијата санкционирала присуство на малолетници во угостителски објекти по полноќ и незаконско точење алкохол, при што едно лице е лишено од слобода.
Во периодот од 19:00 до 03:00 часот, на 7 кон 8 февруари, полициски службеници од ОКР Центар и Бит Пазар спровеле засилени контроли во централното градско подрачје на Скопје, со фокус на угостителските објекти и почитување на законските одредби за заштита на малолетници.
При контролата во еден локал на подрачјето на Центар, биле затекнати малолетни лица кои консумирале алкохолни пијалоци, што претставува сериозно прекршување на законот.
Поради основано сомнение за сторено кривично дело „точење алкохолни пијалоци на малолетници“ по член 204 од Кривичниот законик, од слобода била лишена 20-годишна вработена во објектот. За случајот е известен и Државниот пазарен инспекторат.
По целосно документирање на настанот, против инволвираните ќе бидат поднесени соодветни пријави.
Надлежните најавуваат дека ваквите контроли ќе продолжат и во наредниот период, со цел поголема безбедност на младите и доследно спроведување на законите во угостителските објекти.



