Орце Ѓорѓиевски, кандидат за градоначалник на Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, предизвика контроверзи со откритието дека во неговиот изборен тим е и Гоце Станковски, поранешен осуденик за примање поткуп во износ од 9.000 евра. Според информациите од СДСМ, Станковски добил и затворска казна за своите дела.
Од СДСМ истакнуваат дека оваа ситуација не е само скандалозен момент, туку и јасна индикација за типот на луѓе кои Ѓорѓиевски ги собира околу себе. „Ова не е само скандал, не е само јасна порака какви луѓе Орце собира околу себе, туку какви вредности застапува и како планира да работи, со корупција, поткуп и криминал“, велат од партијата.
Дополнително, тие нагласуваат дека јавноста е свесна за поддршката што Ѓорѓиевски ја дава на криминалните дивоградби во Чаир, како и на неговиот коалициски партнер Изет Меџити. „Тој е олицетворение на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје, на бизнис интересите на елитата која го гази интересот на граѓаните секој ден. Скопјани треба да знаат: глас за Орце е глас за корупцијата, за урбанистичкиот хаос и за криминалниот модел на ВМРО-ДПМНЕ“, додаваат од СДСМ.

