Трагичен семеен настан се случил во Богданци, каде што 58-годишна жена го загубила животот по физичка пресметка со својот син, информираат од Министерството за внатрешни работи.
Според досегашните информации, инцидентот се случил вечерта на 11 јануари, околу 21 часот, во стан во кој заедно престојувале мајката и синот. По претходна расправија, конфликтот ескалирал во физички напад, при што 39-годишниот маж со остар предмет ѝ нанел убодни рани во пределот на главата на неговата мајка.
Жената им подлегнала на повредите, а смртта била констатирана од екипа на Итната медицинска помош од Гевгелија. Наредното утро, на 12 јануари околу 7 часот, осомничениот самиот се пријавил во Полициската канцеларија во Богданци, по што бил лишен од слобода од полициски службеници на СВР Струмица – ОВР Гевгелија.
На местото на настанот бил извршен увид од јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гевгелија, заедно со екипа на полицијата. По наредба на обвинителството, телото на починатата е предадено на обдукција со цел утврдување на точните околности на смртта.
Против 39-годишниот маж во текот на денот ќе биде поднесена кривична пријава за сторено кривично дело „убиство“, а истрагата продолжува.

