Во Црна Гора изби сериозен политички и институционален скандал, откако во јавноста се појавија компромитирачки приватни снимки поврзани со државната секретарка за човекови права, Мирјана Пајковиќ. Случајот предизвика бурни реакции и резултираше со оставка на двајца високи функционери, меѓу кои и поранешниот директор на тајната служба, Дејан Вукшиќ.
И Вукшиќ и Пајковиќ официјално поднеле оставки наведувајќи лични причини, но истовремено тврдат дека се жртви во целата афера. Случајот брзо доби и правна димензија, со меѓусебни обвинувања и кривични пријави.
Вукшиќ во јавните настапи изјави дека му бил украден мобилен телефон, кој подоцна бил злоупотребен. Тој тврди дека компромитирачките снимки првпат ги видел откако почнале да се шират на социјалните мрежи, додавајќи дека бил изложен на уцена.
Во своето соопштение, Вукшиќ наведува дека Пајковиќ незаконски му го одзела телефонот, а аудио-снимката што циркулира во јавноста, на која наводно ѝ се заканува, според него е реакција на кражбата, а не доказ за кривично дело.
Пајковиќ, од своја страна, поднела три кривични пријави против Вукшиќ, обвинувајќи го за неовластена дистрибуција на приватни материјали. Таа тврди дека била изложена на закани со објавување на компромитирачки содржини, што дополнително ја влоши ситуацијата и ја продлабочи институционалната криза.
Агенцијата за национална безбедност (АНБ) јавно се огради од целиот случај, нагласувајќи дека нема никаква поврзаност со објавувањето на приватните снимки.
И покрај големиот јавен интерес, обвинителството сè уште не се изјаснило за случајот. Во меѓувреме, јавноста во Црна Гора со внимание го следи развојот на настаните.
Во земјата, злоупотребата на приватни снимки, позната и како „осветничка порнографија“, претставува кривично дело казниво со затвор до пет години, што дополнително го става фокусот врз заштитата на приватноста и човековите права во дигиталната ера.



