Британската економија повторно испрати сигнал за забавување на крајот од 2025 година. Во четвртиот квартал бруто-домашниот производ порасна за само 0,1 процент – исто како и во претходните три месеци и под очекувањата на аналитичарите.
Податоците објавени од Канцеларијата за национална статистика (ONS) покажуваат дека растот главно се должи на опоравување на индустриското производство, додека услугите и градежништвото остануваат слаби точки.
Сепак, премиерот Кир Стармер порача дека економијата „се движи во вистинска насока“ и изрази оптимизам за периодот што следува.
Индустриското производство порасна за 1,2 проценти, откако во третиот квартал забележа пад од 0,7 проценти. Преработувачката индустрија исто така регистрира раст од 0,9 проценти, особено во секторите за машини, опрема и останата производња.
Дополнителен позитивен сигнал е нормализирањето на производството на автомобили, кое беше погодено од кибер напад во август, што тогаш сериозно го наруши синџирот на снабдување.
Од друга страна, секторот услуги – кој сочинува најголем дел од британската економија – не забележа раст во последниот квартал. Ова доаѓа по скромното зголемување од 0,2 проценти во претходниот период.
Градежниот сектор дури бележи пад од 2,1 процент, што укажува на намалена инвестициска активност и забавување на пазарот на недвижности.
На годишно ниво:
- БДП во четвртиот квартал пораснал за 1%
- целата 2025 година завршува со раст од 1,3%
- тоа е малку подобро од 2024 (1,1%), но под владините проекции од 1,5%
Економистите оценуваат дека економијата практично се движи на работ на стагнација, без посилен импулс за забрзување.



