Градскиот плоштад во Крива Паланка вечерва се претвори во вистинска зимска бајка, откако со свечена церемонија беше запалена новогодишната елка, со што официјално започна празничната сезона во градот. Како и изминатите години, Општината приреди спектакуларно украсување, претворајќи го центарот во едно од најатрактивните празнични седишта во државата, што внесе силна еуфорија и радост меѓу граѓаните и посетителите.
Централниот украс е раскошната новогодишна елка, опкружена со бројни светлечки инсталации кои привлекуваат големо внимание. Меѓу нив се истакнува илуминацијата „2026“, поставена веднаш до елката, која веднаш стана омилено место за фотографирање. Специјален интерес предизвикува и светлечкиот балон на топол воздух во златна и сребрена боја, што внесува уникатен и разигран празничен дух, како и светлечките тунели и арки обвиени со илјадници светилки, кои водат кон уредените празнични катчиња и дрвени куќички.
Традиционалниот новогодишен базар повторно е поставен на плоштадот, со дрвени куќички со зелени покриви, украсени со жолти светилки и опкружени со дрвени буриња. Атмосферата е дополнително збогатена со декоративни мотиви како големи црвени панделки и сферични украси закачени на дрвјата, што создава уште посилно чувство на празничност.
Настанот ја најавува богатата празнична програма што Општина Крива Паланка ја подготвува во пресрет на Новогодишните и Божиќните празници, меѓу кои и активности и изненадувања за најмладите со појавата на Дедо Мраз.

