Среќна вест за Македонците во Германија: Многу од нив можат да добијат до 2.500 евра. Сојузната покраина Северна Рајна-Вестфалија (СРВ) продолжува со исплатата на мајсторската премија и во 2026. година. Оваа поддршка е дел од стратегијата за решавање на недостигот од квалификувани занаетчии и поттикнување на стручното образование. Од воведувањето на премијата во средината на 2023. година, повеќе од 8.000 занаетчии добиле финансиска помош. Во 2024. години, повеќе од 3.800 кандидати положиле испит, што е најголем број од 2015. година.
За 2026. година, владата на СРВ обезбедила вкупно 10 милиони евра за оваа поддршка. Премијата важи за занаети кои бараат лиценца или за одредени слободни занаети. Кандидатите мора да имаат главно место на живеење во Северна Рајна-Вестфалија во моментот на добивање на дипломата. Рокот за пријавување е три месеци од добивање на дипломата, инаку правото на премија престанува. Премијата се исплаќа еднаш по лице и не може да се комбинира со слични поддршки од други сојузни покраини.
Од 1. јануари 2026. година, пријавите ќе се поднесуваат исклучиво преку интернет, преку ESF порталот (Европски социјален фонд) СРВ. Кандидатите ќе мора да отворат личен профил и да приложат докази за положен испит и податоци за банкарска сметка. Иако 2.500 евра се сметаат за „подарени пари“, тие покриваат само дел од вкупните трошоци за мајсторско образование, кои се движат од 5.000 до 15.000 евра, во зависност од занаетот.
Стручњаците истакнуваат дека премијата е важен поттик за идните занаетчии. Мајсторите не се само експерти, туку и потенцијални основачи на компании, работодавачи и ментори на млади професионалци. Оваа поддршка е клучна за изедначување на стручното и академското образование. Премијата важи за сите лица кои ги исполнуваат критериумите, без оглед на државјанството, под услов да имаат главно место на живеење во Северна Рајна-Вестфалија. Тоа значи дека и Македонците кои живеат и работат во оваа покраина можат да конкурираат и да добијат 2.500 евра, што е навистина среќна вест за нашите луѓе во Германија, особено за оние кои сакаат да ја унапредат својата кариера во занаетството.

