Интервју со Билјана Ванковска
1. Како прво прашање, би се задржале на најактуелниот настан – преседанот што го создаде САД со киднапирањето на претседателот Мадуро. Како го оценувате овој чин ако се анализира низ призмата на меѓународното право, суверенитетот на државите и забраната за мешање во внатрешните работи на други земји?
БВ: Секогаш кога за миг сме шокирани и затечени од некој „спектакуларен“ потег на американската администрација, веќе во вториот миг на ум доаѓа мислата на Хегел дека од историјата можеме да научиме само дека ништо не сме научиле. Или, би додала, брзо забораваме… Навидум киднапирањето на Мадуро беше чин без преседан, но САД никогаш немале скрупули кон своите противници (сетете се само како завршија сите кои им беа на таргет листата). Овојпат, Трамп се обидува да го казни Мадуро (врховен командант на вооружените сили на суверена земја) за поседување оружје!?! Да не е трагично би било смешно. Почна со нарко-картели, но обвинението брзо отпадна пред судот во Њујорк. Всушност, набргу потоа Трамп и престана да глуми и брутално кажа дека за него меѓународното право (и меѓународните организации) не значи ништо. Тој „кантовски“ посочи на моралниот закон во него. Тоа се единствените уникатни аспекти на овој случај. Сè друго е веќе видено во арсеналот на американската надворешна политика – од атентати (на Аљенде, на пример) до креирање лажни поводи за воени интервенции (Виетнам, Ирак, итн), смена на режими (милом или силом би рекле соседите). Знаете, после Газа ништо веќе не може и не смее да нè шокира. Третманот на Мадуро е секако порака за неговата МАГА база, но и за лидерите на помалите земји. Дека стравот им е во коски сум го чула од некои наши политичари во приватни разговори.
2. Во интервју за Македонија Денес од февруари минатата година изјавивте дека Доналд Трамп не е успех на американската демократија, туку морбиден симптом на нејзиниот колапс. Дали денешните случувања може да се оценат како обид САД, преку демонстрација на сурова моќ, да го одложат или прикријат тој колапс?
БВ: Иако на прв поглед не изгледа така, со секоја нова „авантура“, САД тонат сè подлабоко. Секако, опасноста е дека зависникот (од војни) со себе може да го повлече и целиот свет, дури и несакајќи во нуклеарен Армагедон. Но, ако зборуваме за тоа колку е успешна нивната политика на брутална моќ, ќе видиме дека одговорот е бизарен: таа не дава резултати, бидејќи има ефект на бумеранг. Џефри Сакс и многу други одлични познавачи на американската политика постојано укажуваат на самоубиствените ефекти. Земете ја Венецуела, на пример. Идејата е, според мнозина, да се ограби земјата од нафтените резреви (најголеми во светот). Трамповиот триумфализам трае кратко бидејќи нафтените корпорации (Ексон, на пример) кажаа дека не им се исплатува да инвестираат во инфраструктурата на Венецуела за искористување и преработка на нивната сирова нафта. Значи, сметка без крчмар, држава без стратегија, и водена од човек кој сака слава, пари и моќ ама нема поим од водење држава. Најмалку империја… Ќе се сетиме на неговата најава за Денот на ослободување (Денот на царините, поточно). Прво церемонија и спектакл за масите, потоа пораз (шлаканица од Кина, Индија, и повлекување од насилничкиот пристап – освен кон ЕУ, која е и онака колонија а не суверен ентитет). Конечно, што добија најсиромашните во САД во оваа година? Затоа неговата поддршка опаѓа на рекордно ниски нивоа. И конечно, одредите на смртта (ICE) оставаат зад себе ужасни сцени на егзекуција на сопствени граѓани. Колапсот се забрзува; прашање е само по која цена ќе се одвива.
3. Реакциите на меѓународната заедница засега изгледаат крајно млаки и анемични. Дали тоа може да биде сигнал за САД уште поотворено да прибегнат кон уцени, промени на претседатели и влади, особено во Латинска Америка? Дали ваквата состојба може да се искористи и за ескалација кон Иран, како и за реализација на идеи како таканаречената „аквизиција“ на Гренланд?
БВ: Во отсуство на организиран меѓународен систем, хиперимперијализам и зависност од САД, мнозина молчат. Генералниот секретар на ОН е срамота сама по себе; изјавите на Каја Калас и Урусла фод дер Лаен се изјави на несуверени марионети. Останатите почнуваат да се грижат за своите национални интереси, бидејќи ниту можат да ги спречат САД во нивното воено лудило, ниту сакаат да гинат заради него. Интересно е што наместо силна реакција на осуда и санкционирање на САД (барем симболично со покренување политички и правни иницијативи), повеќето лидери (и експерти) се парализирани како пред змија, па сега им останува да погодуваат и да се обложуваат „кој е следен“. Пак ќе повторам, ако е можно светот да мижи пред геноцид чиј реален број на жртви е близу 700 илјади, тогаш навистина сè е можно. Трамп може да истовари еден број воени специјалци (или дури и воени лица без специјални вештини) врз Гренланд, а никој нема да мрдне со прст. Сега се обидува да ги купи жителите на Гренланд (по 100 илјади долари од „глава“). Јанис Варуфакис предупредува долго на еден посебен крај на класичниот капитализам, и го нарекува технофеудализам, ама ова што сега се случува е класичен феудализам, или апсолутна монархија без монарх (владетели се воено-индустрискиот комплекс и неговите сојузници). Прашањетоа за одбрана на Украина е апстрактно прашање, бидејќи не верувам дека некој Француз или Британец ќе сака да гине во војна со Русија. И да ризикува „Орешник“ врз некој главен град. Гледате, станува збор за спирала на насилство и трка во вооружување. Во ваква констелација, дури и Кина сериозно ја разгледува својата воена способност и доктрина. Потезите на Трамп и сојузниците изгледаат неповрзано, но всушност се директно насочени кон растот на БРИКС+ или на кинеската иницијатива Појас и пат. Ова е војна на деструкција на способноста да се изгради поинаков свет, кој ќе соработува, а нема да војува. За жал, Глобалното мнозинство повеќе зборува отколку што се организира за да му каже не на хиперимперијализмот на САД.
4. Ако денес киднапирање на претседател, отворени закани кон суверени држави и идеи за присвојување територии минуваат без никакви последици, што тоа ни кажува за иднината на меѓународниот поредок? Особено ако во таа слика се вклучат и долготрајниот геноцид врз Палестинците, претходните интервенции во Сирија и Ирак, притисоците врз Иран и децениските санкции кон Куба. Дали сме сведоци на крајот на Обединетите нации и враќање на светот во состојба пред Лигата на народите?
БВ: Деновиве слушав онлајн дебата на која зборуваше еден од најбрилијантните живи луѓе на светот, професор по меѓународно право од Принстон, Ричард Фолк. И на свои 95 години е луциден како никогаш порано, веројатно поради свеста за црнилото кое надоаѓа. Според него, парафразирам, системот на ОН уште од самиот старт е насаден накриво: Повелбата и останатите конвенции велат едно, но институционалната структура (петте постојани членки на Советот за безбедност) се остатокот од времето на беззаконие и геополитика (политика на сила). Сега веќе е јасно дека овој ваков систем е непоправлив. Инаку, Израел досега немаше да биде членка, а и САД ќе беа под санкции и ембарго. Јасно, сето тоа паѓа во вода. Некои храбри умови веќе размислуваат за нов светски систем, бидејќи ОН (која иронија!!) со седиште во САД е во терминална фаза. Мислам дека е време, макар и концепциски да се седне и да се разговара за нова меѓународна архитектура. Светот пред налетот на Хитлер бил исто вака фрагментиран – цената ја видовме, но и фактот дека во даден миг и непријателите прават сојуз против оној кој сака да го уништи светот.
5. За крај, ако го следиме овој континуитет на однесување – што реално може да се очекува како следен чекор од американската надворешнополитичка „кујна“?
БВ: Убаво велите „кујна“ – но народната изрека која кај нас гласи „многу бабици, бебето килаво“, во англиска верзија е „многу готвач(к)и, чорбата пресолена“. САД се водени од инстинкт и волја за моќ и грабеж. Желба за доминација. Тука нема стратегија, нема анализа, нема ни одговор за Денот потоа. Јас се надевам дека не само останатите лидери во светот, туку и академската заедница, разните граѓански иницијативи и слично, нема да го чекаат следниот чекор, туку ќе станат проактивни. Секако, главната одговорност е на американските граѓани, зошто само тие можат однатре да го спречат Нерон да го запали и Вашингтон, Минесота или Портланд, а потоа и светот.

