Атина, 13 декември 2024 (МИА) – „Нема бензин, ако не носиш кацига“ е новата кампања за безбедност во сообраќајот на возачите на мотори и заштита на човечките животи на Министерството за здравство на Грција во соработка со Министерството за развој и Федерацијата на сопственици на бензински пумпи, јави дописничката на МИА од Атина.
Иницијативата доаѓа по сообраќајна несреќа на Крит, во која животот го загуби 17-годишен возач, а веднаш потоа сопственик на бензинска пумпа на островот соопшти дека нема да точи гориво на мотоциклисти кои не носат кациги и ги повика сите колеги да го следат неговиот пример.
Министерот за здравство на Грција Адонис Георгиадис денеска се сретна со претседателот и претставници на Федерацијата на сопственици на бензински пумпи со цел да помогнат во конкретната кампања.
Од Сања Ристовска, Грција Извор МИА