Анкара, 16 јануари 2025 (МИА) – Светска банка (СБ) во 2025 година ќе и обезбеди на Турција дополнителни една милијарда долари за финансирање за областа погодена од минатогодишниот земјотрес, со што вкупните средства обезбедени од СБ ќе се искачат на чери милијарди долари, објави турскиот весник „Хуриет дејли“.
Директорот на СБ за Турција, Хумберто Лопез, неодамна на состанокот во Истанбул наведе дека Светската банка и Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ) работат во различни делови на Турција и работат заедно на проекти вклучувајќи инфраструктура, здравствена заштита, системи за дистрибуција на вода и болници во земјотресната зона во југоисточна Турција.
Тој додаде дека понатамошната стабилност и предвидливост во турската економија поради структурните реформи позитивно ќе влијае на инвеститорите, бидејќи компаниите кои инвестираат во Турција тоа го прават на долг рок, а пристапот до логистика и енергија се клучни области за компаниите, кои инвестираат во земјата за следните 10-15 години.
На 6 февруари 2023 година силен земјотрес со интензитет од 7,7 степени според Рихтеровата скала погоди 11 области во југоисточна Анадолија. Епицентарот на земјотресот беше во градот Пазарџик во Кахраманмараш. Земјотресот траеше 40 секунди и предизвика огромни штети и жртви. Девет часа подоцна, вториот силен земјотрес со интензитет од 7,8 степени според Рихтеровата скала, со епицентар во Елбистан, повторно го потресе регионот.
Од Марина Илиевска Извор МИА