Анкара, 24 јануари 2025 (МИА) – Претседателот на Турција, Реџеп Тајип Ердоган денеска изјави дека Анкара може да посредува во спорот помеѓу Руанда и Демократска Република Конго.
– Ние, како Турција, сме подготвени да обезбедиме секаква поддршка неопходна за решавање на ова прашање што ќе придонесе за стабилноста и мирот во регионот на Големите Езера, истакна Ердоган по средбата со неговиот колега од Руанда, Пол Кагаме во Анкара.
Борци на групата М23 поддржани од Руанда од 2022 година се борат со вооружените сили на ДР Конго и ја зајакнаа контролата околу Гома, главниот град на провинцијата Северен Киву во ДР Конго. Поради насилствата околу 230.000 луѓе беа принудени да ги напуштат своите домови.
ОН оваа недела соопштија дека се вознемирени од обновувањето на непријателствата помеѓу Руанда и ДР Конго.
Од Марина Илиевска Извор МИА