Вашингтон, 3 февруари 2025 (МИА) – Белата куќа соопшти денеска дека „Мексико сериозно ја сфатил извршната наредба на претседателот Доналд Трамп за царините“, но дека Канада тоа „погрешно го сфатила“.
Трамп завчера нареди зголемување на царините на стока од Мексико, Канада и Кина, барајќи од тие земји да го прекинат шверцот на фентанил и илегални имигранти во САД.
Директорот на Националниот економски совет на Белата куќа, Кевин Хасет, во интервју за мрежата Си-Ен-Би-Си изјави дека „Мексиканците многу сериозно го сфатија тоа што го кажа претседателот Трамп“.
„Сепак, се чини дека Канаѓаните погрешно го сфатиле јасниот јазик на извршната наредба на американскиот претседател“, додаде Хасет.
На прашање од новинарот што мора да направат Канада и Мексико за да избегнат зголемени царини, Трамп вчера одговори дека „тие прво мора да ја избалансираат својата трговија“.
„Потоа ќе мора да ги спречат имигрантите кои влегуваат во нашата земја. Ние мораме да го запреме фентанилот. А тоа се однесува на Кина“, рече Трамп.
Од Рената Пепељугоска /МИА