Ташкент, 9 aприл 2025 (МИА) – Узбекистан, централноазиска земја богата со природни ресурси, денеска објави потпишување договор за истражување и експлоатација на критичните минерали со САД, кои се обидуваат да го обезбедат своето снабдување на тој пазар на кој доминира Кина.
Како што се наведува во соопштението на узбекистанското Министерство за инвестиции, индустрија и трговија, за време на деловната посета на Вашингтон се потпишани „договори за соработка во областа на критичните минерали“ со американски компании.
Соопштението доаѓа неколку дена по самитот на Европската Унија и Централна Азија во Узбекистан, каде што европските и централноазиските лидери се согласија да ја зајакнат соработката на полето на критичните минерали и суровини.
Побарувачката за критични минерали, неопходни за еколошката транзиција и кои се користат особено во електричните автомобили, соларните панели, турбините на ветер и нуклеарните реактори, значително се зголемува.
И САД и Европската унија се обидуваат да ја намалат зависноста од Кина, главниот производител.
Тие договори вклучуваат „инвестиции во истражување и вадење руда, создавање додадена вредност за критичните суровини и обука на узбекистански експерти“, се вели во соопштението.
Од Рената Пепељугоска Извор МИА