Вашингтон, 10 март 2024 (МИА) – Американскиот претседател Џо Бајден синоќа изјави дека верува оти израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху „му прави повеќе штета отколку корист на Израел“ со неговиот пристап кон војната во Појасот Газа.
Американскиот лидер ја изрази својата поддршка за правото на Израел на самоодбрана по нападот на радикалното палестинско движење Хамас на израелска територија на 7 октомври минатата година, но за Нетанјаху рече дека „треба да посвети поголемо внимание на изгубените животи на невините луѓе. што беше последица на преземените дејствија“.
Бајден, кој со месеци го предупредува Израел дека ќе ја изгуби меѓународната поддршка поради зголемениот број цивилни жртви во Појасот Газа, даде интервју за Ен-би-си.
За бројот на жртвите во Газа, кој, според Министерството за здравство на групата Хамас што ја контролира енклавата, веќе изнесува околу триесет и една илјада луѓе, Бајден рече дека „тоа е во спротивност со ставот на Нетанјаху“.
-И мислам дека тоа е голема грешка, истакна Бајден.
Тој додаде дека евентуалниот упад на израелските сили во египетскиот пограничен град Рафа во Појасот Газа, каде што се засолниле повеќе од 1,3 милиони Палестинци, за него е „црвена линија“.
Од: Марија Спасовска Извор: МИА