На денешен ден, 1 јули, 1909 година, во Разлог, роден бил Никола Парапунов, македонски комунист и партизан од Пиринска Македонија.
Никола Парапунов е роден во семејство на шивачки работник. Во 1924 година, по завршувањето на третиот клас во месната седмолетка, продолжил да се школува во средното техничкото училиште во Софија, на градежната насока. Потоа работел во родниот град и активно соработувал со тогашната Внатрешна Македонска Револуционерна Организација.
Во 1931 година, Парапунов станал член на Бугарската комунистичка партија, а на почетокот на 1932 бил член на окружното раководство на БКП во Петрич. Поради своето делување како комунист, тој бил уапсен и од 1933 до 1941 година бил в затвор. По излегувањето од затворот, преминал во илегала и на 26 јули 1941 година ја формирал разлошката чета, првата вооружена партизанска формација во тој дел од Македонија.
На територијата на Пиринска Македонија, уште во 1941 година, се оформиле партизански одреди под водството на Парапунов, а токму во Пиринска Македонија се одиграла и првата вооружена борба против бугарската војска и, воопшто, првата вооружена битка против фашистичките окупациски војски на Балканот.
На почетокот од 1943 година, Парапунов станал член на ЦК на БКП, но на крајот од истата година загинал кај месноста Сува Чешма, во близина на селото Бараково, Горноџумајско, во борба против бугарска полициска заседа.