Приштина, 31 јули 2024 (МИА) – Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека одлуката на Србија во 2014 година да ги прогласи за државна тајна документите за активностите на 37-та моторизирана бригада на Југословенската армија во Косово, за време на војната од 1998-99 година го спречува расветлувањето на убиствата и исчезнувањето на албанските цивили, јави дописникот на МИА од Приштина.
Според Курти, стратегијата на Србија за време на војната била да ги сокрие злосторствата со криење на труповите. Оваа стратегија, според него, се уште трае.
Објавата на Курт на неговата Фејсбук страница е по повод 10-годишнината од 30-годишното класифицирање на архивата на 37-та моторизирана бригада на ЈНА.
– Наследниците на (поранешниот претседател, Слободан) Милошевиќ во Белград, некогаш соработници, а сега политичари на чело на српската држава, одбиваат да ги отворат архивите за откривање на локациите на масовните гробници. Пред 10 години Министерството за одбрана на Србија ги прогласи за државна тајна документите за активноста во Косово на 37-та моторизирана бригада на ЈНА. Оваа одлука донесена на 31 јули 2014 година го спречува откривањето на болната вистина за убиствата на албанските цивили и криењето на нивните тела во масовни гробници во Србија, напиша Курти.
Шефот на косовската Влада вели дека се испратени неколку барања за отворање на архивите на оваа бригада врз основа на бриселскиот договор постигнат минатата година. Но, како што вели Курти, Србија не покажала никаков знак на каење за извршените злосторства.
– Врз основа на договорот постигнат на 2 мај минатата година во Брисел, го повторуваме барањето за отворање на архивите во Србија. Веќе испративме неколку барања за отворање на архивата на 37-та моторизирана бригада на ВЈ, одговорна за многу масакри во регионот на Дреница. Одлуката на српската држава да ги класифицира овие документи како тајни 30 години е обид да се сокријат извршените злосторства. Тоа е исто така јасен показател дека Србија, додека стои над гробовите на убиените албански цивили, не покажала никаков знак на каење за злосторствата извршени во Косово, напиша Курти.
Според него, овој чин на Белград претставува „кршење на човековите права, на правото на семејствата да ја знаат вистината и ги спречува напорите да се донесе правда“.
– Србија со чувањето на овие документи во тајност не се оградува од режимот на Милошевиќ и неговите геноцидни злосторства во Косово. Правдата и трајниот мир во регионот може да се постигнат само преку расветлување на вистината и повикување на одговорност на сторителите, напиша Курти.
За време на последната војна во Косово во 1998-1999 година, повеќе од 13.000 цивили беа убиени, а илјадници други исчезнаа.
Над 1.600 лица, повеќето Албанци, сé уште се водат како исчезнати.
Од Илир Ајдини, Косово Извор МИА