Женева, 1 август 2024 (МИА) – Екстремните горештини убиваат најмалку 175.000 луѓе годишно во Европа, каде температурите и понатаму рапидно растат, предупреди Светската здравствена организација.
Европа е меѓу регионите со најбрзо затоплување во светот, а температурите се зголемуваат околу двојно побрзо од глобалниот просек, предупреди денеска директорот на СЗО за Европа, Ханс-Хенри П. Клуге.
-Топлинскиот стрес е водечка причина за смртта поврзана со климата во регионот. „Екстремните температури ги влошуваат хроничните состојби, вклучувајќи кардиоваскуларни, респираторни и цереброваскуларни болести, ментално здравје и состојби поврзани со дијабетес“, рече Клуге.
Европскиот регион на СЗО вклучува 53 земји во Европа и Кавказ, заедно со централноазиските земји како Казахстан, Киргистан, Таџикистан, Туркменистан и Узбекистан.
Проценките на СЗО покажуваат дека во светот имало околу 489.000 смртни случаи поврзани со жештини секоја година во периодот од 2000 до 2019 година. Во европскиот регион учествувале 36 отсто од тие смртни случаи, или во просек 176.040 секоја година. Севкупно, смртните случаи поврзани со жештини во регионот се зголемија за околу 30 проценти во текот на изминатите две децении.
Клуге ги повика земјите да развијат акциски планови за топлина и здравје, кои се „клучен процес на адаптација“ за да ги направат заедниците поотпорни на топлотните бранови.
-Во моментов, повеќе од 20 земји во регионот имаат слични планови, но тоа „не е доволно за да се заштитат сите заедници“, предупреди Клуге.
Од Марија Спасовска/МИА