Лондон, 4 јули 2024 (МИА) – Поранешниот фудбалер на Лидс, Крисенсио Самервил е ново засилување за Вест Хем Јунајтед, потврди лондонскиот клуб.
Самервил има 22 години и игра на крилната позиција.
Холанѓанецот потпиша петгодишен договор со „чеканите“ со опција за продолжување на уште 12 месеци.
Самервил е официјално Најдобар играч во Чемпионшип за претходната сезона. Тој забележа 49 настапи во сите натпреварувања и постигна 21 гол, но Лидс не успеа да се врати во Премиер лигата бидејќи беше поразен од Саутемптон во финалето на плеј-офот за промоција.
Холанѓанецот игра за Лидс од 2021 година и стана четвртото засилување на Вест Хем во тековниот преоден рок. Стоперот Макс Килман, крилниот напаѓач Луис Гилермо и голманот Вес Фодерингам веќе им се приклучија на „чеканите“ и новиот менаџер на клупата Хулен Лопетеги во текот на летото.
„Скај Спортс“ тврди дека е постигнат договор и околу трансферот на германскиот репрезентативен напаѓач Никлас Филкруг од Борусија Дортмунд.
Од Спорт Миа Извор МИА