Скопје, 16 август 2024 (МИА) – Македонските сениорски одбојкарски репрезентации во машка и женска конкуренција овој викенд ги почнуваат квалификациите за пласман на европските првенства во 2026 година.
Македонските одбојкари денеска отпатуваа за Тбилиси каде утре од 14 часот го играат воведниот натпревар од квалификациската група Ф против Грузија.
По враќањето од Грузија следен противник на избраниците на селекторот Хари Наковски ќе биде Грција, на 25 август во Скопје.
Машкото Европско одбојкарско првенство, 34 по ред, ќе се одржи во 2026 година, а домаќини ќе бидат Бугарија, Романија, Италија и Финска.
Прв пат по пауза од деценија и половина, во евроквалификациите ќе настапат и македонските одбојкарки.
Избраничките на селекторот Стефан Пауновиќ во воведниот натпревар од квалификациската група Ф ќе играат против Австрија, утре од 20:15 часот во салата „Јане Сандански“ во Скопје, по што следува дуелот на гостински терен против Грција, на 28 овој месец во Солун.
Домаќини на Европското одбојкарско првенство во женска конкуренција во 2026 година ќе бидат Азербејџан, Турција, Чешка и Шведска.
Од Емил Гашевски/МИА