Брисел, 23 септември 2024 (МИА) – Советот на ЕУ денеска реши од Фондот за солидарност на Европската унија да одвои дополнителни една милијарда и 28,54 милиони евра помош за Италија, Словенија, Австрија, Грција и Франција наменети за справување со последиците со елементарните непогоди што ги зафатија овие земји во текот на минатата година.
Од вкупните средства, кои вклучуваат и 231,78 милиони евра авансна исплата, 446,64 милиони евра ќе бидат наменети за помош на Италија за справување со последиците од поплавите во регионите Емилија-Ромања (378,83 милиони евра) во мај и Тоскана (67,81 милиони евра) во октомври и ноември 2023 година.
За санирање на штетите од поплавите во август минатата година, Словенија ќе добие дополнителни 428,41 милиони евра, а Австрија 5,20 милиони евра.
Грција како помош во санација на штетите од поплавите предизвикани од медитеранската бура „Даниел“ лани во септември ќе добие 101,53 милиони евра, а Франција дополнителни 46,76 милиони евра помош за поплавените области во регионот Норд-Па-де-Кале во ноември 2023 година.
По стапувањето на одлуката во сила, ЕУ од резервите за солидарност и од ставката за итна помош во Буџетот за 2024 година ќе ги префрли предвидените средства во Фондот за солидарност на Унијата, од каде потоа ќе им бидат исплатени на земјите погодени од ланските поплави.
Фондот за солидарност на ЕУ е инструмент наменет за обезбедување финансиска помош во случај на поголеми елементарни непогоди во земја членка на Унијата или во држава која води преговори за членство во блокот.
Од Сашко Панајотов Извор МИА