Македонското меѓународно движење за човекови права бара итно апсење на Зоран Заев, „премиерот“ на поранешниот режим во Република Македонија инсталиран од САД, и апсење на сите одговорните режимски функционери.
Заев беше инсталиран од страна на САД со цел со сила да го протурка крајно навредливото име „Северна Македонија“, во спротивност на македонскиот Устав, собранискиот деловник, македонското и меѓународното право, и бројни меѓународни конвенции за заштита на човековите права. Деталите за овој процес ги имате тука.
ММДЧП ќе се фокусира на законите кои Заев ги прекрши (видете подолу) за кои, согласно македонскиот Кривичен Законик, е потребно негово итно апсење, кое требаше да се случи многу одамна.
Соединетите Држави и режимот целосно го контролираа судството во Македонија додека режимот беше на сила – видете го нашиот извештај на таа тема. Сепак, јавниот обвинител треба – во согласност со македонскиот закон – да го уапси Зоран Заев и другите околу него.
По отстранувањето на режимот, како резултат на изборите што се одржаа годинава, во теорија се отстрани и притисокот на режимот/САД, но јавниот обвинител се уште не преземал чекори. Дополнително, ММДЧП бара од Министерството за Внатрешни Работи да поднесе повеќекратни јавни извештаи за прекршоците на режимот до јавниот обвинител, со што ќе ја поттикне неговата работа.
Промената на името и беше наметната на Македонија од страна на Соединетите Држави, за да и се помогне на Грција во нејзината цел да го избрише постоењето на македонското име, етнички идентитет, култура и историја (тоа е целта на „Договорот од Преспа“) и особено да се прикрие масовното кршење на човековите права кое Грција го врши врз домородното етничко македонско население откако ја анектираше Егејска Македонија во 1913 година. Соединетите Држави и помагаат на Грција, а во замена за тоа, Грција го крена ветото врз членството во НАТО кое САД и го наметнаа на Македонија, за да ја зацементираат својата хегемонија во регионот. САД го инсталираа режимот на Зоран Заев во 2016/2017 година и со тоа го почнаа процесот на принудно менување на името и брутално задушување на сите изрази на несогласување додека се вршеше масовно кршење на човековите права на Македонците.
Во продолжение се наведени законите кои ги прекршија Заев и неговите соработници, додека кривичните пријави кои против нив во 2018 година ги поднесоа Македонското Движење за Човекови Права и Светскиот Македонски Конгрес се достапни тука.
Македонски Кривичен Законик
- Член 178 – Повреда на угледот на Република Македонија: Тој што со намера за исмејување јавно ќе ја изложи на подбив Република Македонија, нејзиното знаме, грб или химна, ќе се казни со парична казна.
- Член 179 – Излагање на подбив на македонскиот народ и припадници на заедниците: Тој што со намера за исмејување јавно ќе ги изложи на подбив македонскиот народ и припадниците на заедниците кои живеат во Република Македонија, ќе се казни со парична казна.
- Член 305 – Велепредавство: Тој што со употреба на сила или сериозна закана ќе се обиде да го измени уставниот поредок на Република Македонија или да ги собори највисоките државни органи, ќе се казни со затвор најмалху пет години.
- Член 308 – Загрозување на независноста: Граѓанин на Република Македонија кој ќе ја доведе Република Македонија во положба на потчинетост или зависност спрема некоја друга држава, ќе се казни со затвор најмалку пет години.
- Член 313 – Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста:Тој што со намера да го загрози уставниот поредок или безбедноста на Република Македонија ќе предизвика или сериозно ќе се закани со предизвикување експлозија, пожар, поплава или друго општоопасно дејствие или акт на насилство, создавајќи чувство на несигурност или страв кај граѓаните, ќе се казни со затвор најмалку десет години.
- Член 315 – Саботажа: Тој што во вршењето на својата работна обврска со намера да го загрози уставниот поредок или безбедноста на Република Македонија на прикриен, подмолен или друг начин, ќе предизвика значителна штета за државен орган, установа или правно лице во кое работи или за друг државен орган, установа или правно лице, ќе се казни со затвор најмалку три години.
- Член 324 – Здружување заради непријателска дејност: (1) Тој што создава заговор, банда, група или друго здружение на лица или организација заради вршење на кривичните дела од членовите 305 до 311, 313, 314, 315, 321 и 322 став 2, ќе се казни со затвор најмалку четири години.
- Член 353 – Злоуотреба на службената положба и овластување: (1) Службено лице кое со искористување на својата службена положба или овластување, со пречекорување на границите на своето службено овластување или со неизвршување на својата службена должност ќе прибави за себе или за друг некаква корист или на друг ќе му нанесе штета, ќе се казни со затвор од шест месеци до три години.
- Член 403 – Геноцид: Тој што со намера наполно или делумно да уништи некоја национална, етничка, расна или верска група, ќе нареди да се вршат убиства или тешки повреди на телото или тешко нарушување на физичкото или душевното здравје на членовите на групата или присилно раселување на населението или групата да се стави во такви животни услови што доведуваат до наполно или делумно истребување на групата или да се применат мерки со кои се спречува раѓање меѓу припадниците на групата или да се врши присилно преселување на деца во друга група или тој што со иста намера ќе изврши некое од наведените дела, ќе се казни со затвор најмалку десет години или со доживотен затвор.
- Член 403-а – Злосторство против човечноста: Тој што со намера за систематско уништување на цивилно население, ќе нареди да се вршат убиства, тешки телесни повреди, физичко истребување, поробување, депортација или присилно раселување на население, затворање или друг вид лишување од слобода спротивни на меѓународното право, мачење, силување, сексуална експлоатација или ропство, присилна проСтитуција, присилна бременост, присилна стерилизација или кој било друг вид тешко сексуално насилство, гонење на која било група или заедница врз политичка, расна, национална, етничка, културна, верска или полова основа, присилно одведување и исчезнување на лица, дискриминација и подвојување врз расна, национална, етничка, политичка, културна или друга основа и други нехумани постапки со кои намерно се предизвикува физичко или психичко страдање, или тој што со иста намера ќе изврши некое од наведените дела, ќе се казни со затвор најмалку десет години или со доживотен затвор.
Овие јасни прекршувања на македонскиот кривичен законик од страна на Заев и неговите соработници се суштински дел од „Договорот од Преспа“, со кој се наложува Македонија да биде послушна и потчинета во однос на Грција. Дополнително, масовното кршење на човековите права се случуваше и продолжува да се случува како резултат на наметнатиот „Договор од Преспа“ и на постапките на Заев и неговите соработници. Непостапување од страна на јавното обвинителство и Министерството за Внатрешни Работи ќе укажат дека и тие се соучесници.