Долги 17 години успешна работа, од кои последните 6 во далечната Австралија, познатиот македонски фризер и шминкер Сашко Сале Захариевски успешно ја гради својата кариера, разубавувајќи голем број наши и многу познати балкански ѕвезди кои заминале на турнеја во оваа прекуокеанска земја.
-Секој почеток во друга држава е тежок, особено кога станува збор за оваа професија, конкуренцијата е буквално на секој чекор, меѓутоа мојот успех се должи на трпение, љубов и квалитет. Квалитетот и љубовта кон работата мора да бидат на прво место. Долгогодишните соработки со познатите пејачки, новинарки, манекенки го покажуваат тоа, верните клиенти значи задоволни и среќни лица,вели стилистот Захариевски.
На прашањето, што му било најтешко за прилагодување, тој вели дека тоа бил ноќниот живот. Животот во Австралија е убав, меѓутоа премногу му фалат дружбите, излегувањата и целиот тој ноќен живот што го има само кај нас на Балканот, вели познатиот стилист, иако како што вели, балканските ѕвезди се доста чести гости на турнеја во Австралија. Од сите тие гостувања на музичките ѕвезди произлегле огромни соработки, студиото за убавина SZS во сопственост на нашиот Сале Захариевски кое се наоѓа во Мелбурн е едно од најпрестижните салони во кое се разубавуваат најпознатите музички имиња од нашите простори.
-Можеби и не постои ѕвезда од естрадата која била во Австралија а да не била гостинка во студиото SZS, вели Захариевски, посебно би ги издвоил соработките со Сања Ристеска, Сузана Гавазова, Теа Таировиќ, Стојне Николова, Благица Павловска, Татјана Лазаревска, Маријана Новачевска, Анџела Јакимовска, Сани Гроздановска, Соња Динамит и уште многу други ( се извинувам што не ги наброив сите) и во периодот што следува веќе има најавени нови гостувања од балканската музичка сцена кои не би ги открил за сега, но би сакал да кажам дека голем предизвик ми е гостинка во студиото да ми биде Тања Савиќ, вели Захариевски.
На прашањето за неговите идни планови вели дека со гордост може да најави дека за наредната година е планирано отворање на новото студио кое што ќе се наоѓа во центарот на Мелбурн и кое ќе биде вистинско освежување. Соработките со останатите стилисти од Македонија и Балканот не изостанале така што од големо значење е да се спомне и семинарот којшто наскоро ќе се одржи во Мелбурн а ќе биде во организација на нашиот стилист Сале.
За тоа кои техники се во тренд , тој ни откри дека во Австралија доста барани се техниките за нијансирање root shadow и money piece hair како и кратките фризури bob long и претежно светла коса која бара доста голема нега.
Н.З.