Скопје,11 јули 2024 (МИА) – Земјата годишно губи 146 милиони кубици вода за пиење. Скоро половина од водните претпријатија работат со финансиска загуба, а кај најголем дел од нив и загубата на вода е поголема од 40 отсто, се наведива во истражувањето на Центарот за граѓански комуникации.
Како што соопштија од Центарот во земјава има 67 снабдувачи со вода за пиење и секој наплаќа различна цена за својата услуга. Најголем дел од нив имаат различни цени за „домаќинствата“ и за „останатите потрошувачи“, односно правните лица, фирми или институции. Според истражувањето за цените и потрошувачката во земјава, најниска цена за потрошената вода плаќаат жителите на Боговиње, само 7,5 денари за потрошен кубик, а највисока цена плаќаат жителите на Кочани – дури 48,79 денари за кубик, што е за 6,5 пати повеќе. Просечната цена на кубик вода за пиење во земјава е 27,49 денари. Инаку, домаќинствата од Маврово плаќаат само 2,6 денари за кубик, но и 210 денари фиксен месечен надоместок, поради што не се први на листата со најниска цена.
Истражувањето покажува дека првите пет општини со најниски цени за водата за пиење се Боговиње, Теарце, Желино, Врапчиште и Росоман. Додека најскапа вода плаќаат четири општини од источниот регион, Кочани, Делчево, Пробиштип и Берово, како и Свети Николе. За правните лица, цената за кубик вода е најниска за потрошувачите во Желино, 13,42 денари, додека убедливо најскапа е водата за скопските фирми, дури 68,10 денари за кубик. Останати потрошувачи, просечно плаќаат по 45,25 денари за кубик вода за пиење, што е дури 65 отсто повеќе од домаќинствата.
Правните лица во Желино, Теарце, Боговиње,Тетово и Кривогаштани плаќаат најниска цена, а највисока цена за водата за пиење покрај Скопје, плаќаат и Делчево, Берово, Старо Нагоричане и Велес. Додека во Старо Нагоричане плус се плаќа и фиксен надомест од 87 денари на секоја месечна сметка за вода за пиење, се наведува во истражувањето.
Во земјава вкупно има 667.076 регистрирани потрошувачи домаќинства и 41.632 останати потрошувачи, односно правни лица. Град со најголем број регистрирани домаќинства е Скопје кои има 271 илјада домакиства. Охрид има над 30 илјади регистрирани домаќинства,а Прилеп има над 20 илјади. Останатите градови имаат помалку од 20 илјади домаќинства.
Скопје има регистрирани десет илјади правни лица кои се потрошувачи на вода за пиење. Во Тетово и Битола има повеќе од три илјади потрошувачи, а Куманово има околу три илјади. Охрид и Прилеп имаат околу два илјади останати потрошувачи, а помеѓу илјада и илјада и 500 имаат Струмица, Струга, Кавадарци и Штип.
Како што се вели во соопштението фирмите просечно трошат 194 отсто повеќе вода отколку домаќинствата. Просечната месечна потрошувачка на вода за домаќинствата изнесува 12,02 кубни метри вода, додека кај фирмите потрошувачката е скоро тројно поголема, односно 35,37 кубни метри вода.
Просечно најмалку вода на месечо ниво трошат трошат домаќинствата во Старо Нагоричане, само по 2,4 кубици, а со мала потрошувачка, пониска од седум кубици месечно се и Ранковце, Охрид, Чашка и Карбинци,а најмногу вода месечно трошат домаќинствата во Маврово и Теарце, со по 70 кубици месечно, како и Боговиње со 40 кубици месечно. Сите други домаќинства во земјава просечно трошат по помалку од 25 кубици вода месечно.
Кога станува збор за правните лица, според истражувањето на Центарот, просечно најмала потрошувачка има во Старо Нагоричане каде фирмите месечно трошат само по 1,6 кубици, а со потрошувачка под десет кубици месечно се и Кривогаштани, Демир Хисар, Зелениково и Ново Село. Спротивно, најмногу вода за пиење месечно трошат фирмите во Демир Капија, по 142 кубици, а со многу висока потрошувачка од над 90 кубици месечно се и фирмите во Илинден, Скопје, Маврово и Велес.
Цената во градовите кои имаа над 40.000 жители просечно изнесува 31 денар за кубик. Дури во девет од 11 големи градови цената на водата се движи од 29 до 39 денари за кубик. Исклучок се Тетово и Гостивар, каде цената на водата е 16, односно 17 денари за кубик. Скопје е околу просекот, и цената изнесува 32 денари за кубик.
За правните лица потрошувачи на вода за пиење, во поголемите градови, просечната цена изнесува околу 54 денари за кубик. Поединечните цени на десет од 11 градови се движат од 42 до 68 денари, со исклучок на Тетово каде цената на водата за правните лица изнесува 25,5 денари за кубик. Најскапа вода за фирмите има во Скопје, 68,10 денари.
Просечната потрошувачка на вода за пиење, меѓу големите градови е околу десет кубици месечно по домаќинство. Во Охрид просечно се троши по околу шест кубици, додека во Тетово по повеќе од 13 кубици месечно. Просечната потрошувачка на вода за пиење во Скопје е нешто помалку од девет кубици.
Правните лица во големите градови, пак, просечно трошат дури 4,5 пати повеќе вода од домаќинствата, односно по 45 кубици месечно. Најмалку вода трошат фирмите во Тетово, по 15 кубици, а најмногу фирмите во Скопје, по 99 кубици месечно.
Како што соопшти ЦГК во земјава годишното производство на вода е 245 милиони кубни метри вода, а од неа се губат повеќе од половина, односно околу 60 проценти или 146 милиони кубни метри вода. Најмногу вода за пиење се губи во Скопје, и тоа дури 63 милиони кубни метри годишно. Ова е 43 отсто од целата загубена вода во земјава. Исто така многу вода се губи и во градовите Гостивар, Тетово и Кичево. Најрационални во овој однос, односно со најмали апсолутни загуби на вода за пиење се Могила, Желино, Чашка, Конче и Старо Нагоричане.
Центарот наведува дека 6.040 луѓе работат во комуналните претпријатија што ги снабдуваат населените места и фирмите во земјава со вода за пиење, а 44 отсто од 67-те снабдувачи лани оствариле негативен финансиски резултат од работењето. Вкупната загуба на овие претпријатија изнесува 255.018.205 денари, односно 4 милиони евра, се наведува во истражувањето.
Најголема загуба, од повеќе од еден милион евра има кочанското претпријатие, што е точно една четвртина од вкупните загуби на овие претпријатија. Со поголеми загуби се и водоводните претпријатија на Велес, Битола, Скопје и Струга. Кај 72 отсто од претпријатијата со финансиска загуба, загубите на вода за пиење се поголеми од 40 проценти, се наведува во истражувањето.
Од Ана Цветковска/МИА